Активности



Петок, 27 август 2010 година

Седумдесет и четврта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на денешната Седумдесет и четврта седница, како матично работно тело, во прво читање го разгледа Предлогот на закон за задолжување на Република Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за Проектот за подобрување на железничката пруга на Коридор 10.

Воведно образложение по поднесениот закон даде г. Зоран Ставрески, заменик на претседателот на Владата и министер за финансии. Тој истакна дека основна цел на овој Проект е подобрување на железничката пруга на Коридорот 10, намалување на трошоците за нејзино одржување и обезбедување на сигурен сообраќај на делниците: Табановце – Куманово; Миравци – Смоквица; Згрополци (Ногаевци) – Градско; Градско – Неготино. Последниот ремонт на овие делници е извршен пред 43 години. Кумулираниот поминат товар е проценет на 230 милиони бруто тони. Со Проектот се предвидуваат следните активности: замена на изабени шини, замена на сите дрвени прагови со бетонски прагови, дотур на застор и регулирање и подбивање на засторна призма. Вкупната должина на пругата која ќе биде опфатена со овој Проект изнесува околу 53 км. 

Потребните средства за реализација на овој проект изнесуваат 17.600.000 евра и истите ќе бидат обезбедени преку заем од Европската банка за обнова и развој. Проектот ќе го имплементира Министерството за транспорт и врски, преку Јавното претпријатие за железничка инфраструктура „Македонски Железници” - Скопје, кои ќе склучат меѓусебен договор за регулирање на правата и обврските. Заемот ќе се отплаќа со средства од Буџетот на Република Македонија. Дополнително, за реализација на предвидените активности, Министерството за транспорт и врски треба во својот буџет да обезбеди средства за подмирување на обврските по основ на ДДВ. Рокот на отплата на заемот 15 години, со вклучен грејс период од 3 години, а  истиот ќе се отплаќа во 24 полугодишни ануитети, од 20 октомври 2013 година до 20 април 2025 година. Каматна стапка е варијабилна каматна стапка, 6 месечен ЕУРИБОР зголемен за маргина од 1% на годишно ниво. На 30.6.2010 година варијабилната камата би изнесувала 2,1%. Дополнително, постои можност за избор на фиксна каматна стапка, според процедура утврдена во Договорот за заем. Република Македонија ќе ѝ плати на ЕБОР еднократна провизија во висина од 1% од износот на заемот, трошок кој ќе биде исплатен од средствата од заемот. Повлекувањето на заемот ќе се врши во транши. Минималниот износ на траншата изнесува 250.000 евра, а средствата ќе ги повлекува Министерството за транспорт и врски.  

Во претресот учествуваше пратеникот г. Стојче Крстевски.

Беше изнесено дека Железничкиот коридор 10 е значаен за македонската економија, посебно за развој на металната индустрија. Во изминатиот период со ревитализација на капацитетите од металната индустрија, значењето на овој коридор ја потврди својата улога како значаен сегмент во успешното функционирање на фирмите од  обоената и црната металургија. Во последните пет години, металната индустрија во вкупниот извоз на Република Македонија учествува помеѓу 30% и 40% и железничкиот товарен сообраќај има големо влијание на натамошното зголемување на ова учество. Поради природата на дејноста транспорт, амортизирани се основните елементи од инфраструктурата  на долниот и на горниот строј, кои зависат како од обемот на превоз, така и од временскиот период и услови на експлоатација. Оттука, потребата од вложувања во железницата е неспорна и оправдано е задолжувањето кај Европската банка за обнова и развој, поради што Предлогот на законот треба да се поддржи.

Комисијата едногласно заклучи дека Предлогот на законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за Проектот за подобрување на железничката пруга на Коридор 10 е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

Click