Активности

Понеделник, 13 септември 2010 година

Седумдесет и петта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на Седумдесет и петтата седница, одржана на 6 септември 2010 година, како матично работно тело ги разгледа Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за платниот промет (во прво читање), Финансискиот извештај на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2009 година, Годишниот извештај за работењето на Агенцијата за супервизија на осигурување во 2009 година и Годишниот извештај за состојбата и движењата на осигурителниот пазар во Република Македонија во 2009 година.

Воведно образложение по поднесениот Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за платниот промет даде заменикот на министерот за финансии, г. Недим Рамизи.

Тој истакна дека со изменувањата и дополнувањата на Законот за платниот промет се создава основ во рамките на Фондот за здравствено осигурување на Македонија да се формира Трезор за јавни здравствени установи, како организациона единица за управување со здравствената трезорска сметка и другите сметки на јавните здравствени установи, како посебен носител на платниот промет на здравствените установи.

Комисијата со шест гласа „за“ и три „против“ заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, г. Климе Попоски, даде воведно образложение по Финансискиот извештај на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2009 година, Годишниот извештај за работењето на Агенцијата за супервизија на осигурување во 2009 година и Годишниот извештај за состојбата и движењата на осигурителниот пазар во Република Македонија во 2009 година.

Тој истакна дека средствата за финансирање на Агенцијата за супервизија на осигурување во 2009 година беа обезбедени од Буџетот на Република Македонија со Одлука на Владата на Република Македонија за одобрување на средства за привремено финансирање.

Со донесување на Тарифникот за содржината и висината на надоместоците и давачките кои ги наплатува, средствата за финансирање ќе се обезбедуваат од наплатени надоместоци и давачки од осигурителните компании другите друштва врз кои спроведува супервизија, со што ќе се потврди нејзината финансиска независност и самостојност.

Во однос на Годишниот извештај за работењето на Агенцијата за супервизија на осигурување во 2009 година, г. Попоски истакна дека Агенцијата за супервизија на осигурување е независно регулаторно тело кое врши јавни овластувања утврдени со Законот за супервизија на осигурувањето и Законот за задолжително осигурување во сообраќајот. Таа започна со работа на 1 ноември 2009 година и во овој период главни приоритети беа донесување на сите подзаконски акти неопходни за функционирање на Агенцијата. Истовремено, Агенцијата за супервизија на осигурувањето во редовна постапка ги обавуваше и сите законски надлежности во однос на супервизија, лиценцирање, донесување на подзаконска регулатива, кадровско доекипирање и зајакнување на капацитетите на супервизија преку имплементација на едукација и стручно усовршување на вработените.

Во 2009 година Агенцијата за супервизија на осигурување презема иницијатива, а во 2010 година воспостави соработка преку потпишување на меморандуми со домашни и странски регулаторни тела. Приоритет беше донесување на Стратегија за развој за 2010 година и краткорочните планови за актите кои треба да се донесат во 2010 година.

Во врска со Годишниот извештај за состојбата и движењата на осигурителниот пазар во Република Македонија во 2009 година,  г. Попоски истакна дека во 2009 година на пазарот на осигурување во Република Македонија работеле 13 друштва за осигурување, од кои 11 вршат работи на неживотно осигурување, а две на осигурување на живот.

Друштвата за осигурување во изминатите години во своите биланси акумулираа големи ненаплатени побарувања, бидејќи не постоеше законска обврска истите да ги отпишат како вонредни расходи. Со промената на сметководствените политики кај друштвата за осигурување, овие побарувања се отпишани, поради што во билансите се прикажува загуба, но реално тие остваруваат позитивни финансиски резултати.

На крајот од седницата, Комисијата едногласно заклучи да му предложи на Собранието да ги усвои следниве заклучоци:

1. Собранието на Република Македонија ги разгледа и усвои Финансискиот извештај на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2009 година, Годишниот извештај за работењето на Агенцијата за супервизија на осигурување во 2009 година и Годишниот извештај за состојбата и движењата на осигурителниот пазар во Република Македонија во 2009 година и

2. Овие заклучоци заедно со Извештајот на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија да се достават до Владата на Република Македонија, Министерството за финансии и Агенцијата за супервизија на осигурување.
Click