Активности



Вторник, 7 септември 2010 година

Седумдесет и шеста седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на денешната Седумдесет и шеста седница, како матично работно тело го претресе Амандманот на членот 5 за додавање на нов став 2 по ставот 1 поднесен од пратеникот Флора Кадриу по Предлогот на законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за Проектот за подобрување на железничката пруга на Коридор 10 (второ читање).

Со Амандманот се предлага Владата на Република  Македонија до Собранието на Република Македонија да поднесува Годишен извештај за реализацијата на заемот и динамиката на враќање на средствата. На овој начин, Собранието на Република Македонија и граѓаните ќе бидат информирани за начинот на користење и динамиката на враќање на заемите.

Претставникот на Владата не се согласи со поднесениот Амандман. Во расправата учествуваше пратеникот Јован Манасијевски.

Беше изнесено дека во Комисијата за финансирање и буџет континуирано се покренува прашањето Владата на Република Македонија да најде механизам за отчетност во реализацијата на заемите, кредитите или другите аранжмани што се склучуваат со меѓународни финансиски институции.  На овој начин би се обезбедил увид на Собранието на Република Македонија во реализацијата на заемите и динамиката на враќање на истите. Инаку, освен преку Стратегијата за јавен долг која Собранието на Република Македонија секоја година ја усвојува и во која се дадени збирни податоци, не постои поинаков начин за следење на реализацијата на заемите.

Притоа беше нагласено дека во некои европски земји постојат различни форми и процедури кои се користат во следењето на реализацијата на заемите и други видови задолжувања што би требало да се земе како искуство и да се применува во нашата регулатива. 

Заменикот на министерот за финансии се изјасни дека ваквото барање е прифатливо. Владата би требало да најде решение за контрола и следење на реализацијата на заемите од страна на Собранието на Република Македонија користејќи ги искуствата на други земји. Сепак, бидејќи најчесто имплементатори на заемите што ги зема Република Македонија се различни министерства во кои се формирани единици за имплементација, би било добро Комисијата за финансирање и буџет да бара од имплементаторите на проектите извештаи за динамиката на реализација и наменското користење на средствата.

Комисијата  со еден глас „за“ и шест гласа „против“  не го усвои овој амандман.

Комисијата едногласно заклучи дека не се исполнети условите да се подготви Дополнет предлог и му предложи на Собранието да го разгледа и донесе Законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за Проектот за подобрување на железничката пруга на Коридор 10.

Click