Активности



Понеделник, 4 октомври 2010 година

Седумдесет и осма седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на 27 септември 2010 година ја одржа својата Седумдесет и осма седница.

- Како матично работно тело, Комисијата го разгледа Предлогот на закон за дополнување на Законот за даночна постапка (во прво читање).

Воведно образложение по поднесениот Предлог-закон даде заменикот на министерот за финансии, г. Недим Рамизи, кој истакна дека основна цел е создавање на правен основ за постапување на Управата за јавни приходи со цел наплата на радиодифузната такса и наплата на паричните казни, односно глобите и трошоците изречени во парничните, прекршочните, кривичните и управните постапки во корист на Република Македонија, во согласност со одредбите од Законот за даночна постапка.

Комисијата со пет гласа „за“, еден „против“ и три „воздржани“, заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Во однос на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за Фондот за осигурување на депозити (во прво читање), воведно образложение даде министерот за финансии, г. Зоран Ставрески.

Тој истакна дека целта на предложениот закон е зголемување на довербата кон банкарскиот сектор и натамошна хармонизација на домашното законодавство со Директивата 2009/14/ЕЗ, со која се врши  изменување на Директивата 94/19/ЕЗ за шема за гаранција на депозити, во однос на нивото, опфатот и осигурениот износ.

Имено, согласно Законот за Фондот за осигурување на депозити, банките и штедилниците во Република Македонија кои имаат дозвола од Народна банка за прибирање на депозити задолжително се членки на Фондот за осигурување на депозити, односно имаат законска обврска во  Фондот за осигурување на депозити да ги осигуруваат депозитите на физичките лица. Со измените се предлага наместо досегашните две нивоа на обесштетување (100% на износот до 10.000 евра и 90% од износот помеѓу 10.000 и 20.000 евра) да се врши обесштетување на сите депозити на физички лица во износ до 30.000 евра, со што ќе се зголеми довербата во финансискиот систем и депозитниот потенцијал на банкарскиот сектор.

Со измените исто така се скратува и рокот на започнување на обесштетувањето на депонентите и тоа од постојните три месеци на 20 дена, со можност во исклучителни околности Фондот за осигурување на депозити да го одложи обесштетувањето за уште 10 дена со што се постигнува целосно хармонизирање со  Директива 2009/14/ЕЗ.

Исто така, се воведува можноста Фондот да не  ја изврши исплатата на побарувањата на клиентот за кои постои сомневање дека  произлегуваат од трансакции поврзани со перење пари или финансирање на тероризам.

Комисијата едногласно заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Во воведното образложение по Предлогот на закон за ревизија (во прво читање), министерот за финансии истакна дека потребата за донесување на нов закон за ревизија произлегува од хармонизацијата на нашето законодавство со директивите на Европската унија.

Имено, со предложеното решение се уредуваат условите за вршење на ревизија на правните лица кои вршат дејност во Република Македонија. Се предвидува формирање на Совет за унапредување и надзор на ревизијата, како самостојно и независно регулаторно тело.

Предлогот на законот содржи одредби кои се однесуваат и на професионалното здружување на овластените ревизори во Институт на овластени равизори, како професионално коморско здружување и се определуваат условите за функционирање на истиот.

Исто така, се определуваат и условите кои треба да ги исполнуваат субјектите за да се стекнат со уверение за овластен ревизор и лиценци за работа на друштва на ревизија, а се пропишува и дека ревизијата се врши согласно меѓународните стандарди за ревизија на Меѓународната федерација на сметководители.

Комисијата со девет гласа „за“ и два „воздржани“, заклучи дека Предлогот на закон за ревизија е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Комисијата го разгледа и Предлогот на закон за давање на финансиски услуги на далечина (во прво читање), за кој  министерот за финансии истакна дека со него се постигнува хармонизирање на домашното законодавство со Директивата 65/2002/ЕК на Европската унија, со што на потрошувачите од Република Македонија им се овозможува недискриминаторски пристап до финансиските услуги и слобода на избор во рамките на единствениот пазар, под еднакви услови како и за потрошувачите од другите земји-членки.

Се предлага давателот на финансиска услуга на далечина, независно во која земја-членка на ЕУ е основан, да му достави на потрошувачот информации кои се однесуваат на давателот на услугата, на самата услуга и на договорот.

Со предложеното решение е предвидено потрошувачот да може да се повлече од договорот, под одредени услови утврдени со законот и во таков случај  има обврска да ја плати само услугата што реално ја добил.

Комисијата едногласно заклучи дека Предлогот на законот за давање на финансиски услуги на далечина е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Во врска со Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за административните такси (во прво читање), заменик-министерот за финансии истакна дека основната цел е воведување на можност за плаќање на сите административни такси кај органите на државната управа и општините и преку мобилни оператори или преку интернет.

Исто така, се воведуваат нови тарифни броеви кои се однесуваат на плаќање на административна такса и за издавање на уверенија и изводи кои ги издава Управата за водење на матични книги, како и решенија, потврди и дозволи кои ги издава Министерството за економија.

Со законот се предлага бришење на Тарифен број 39, поради тоа што со отпочнување со работа на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, истата како независна институција има свој тарифник за наплата на такси.

Комисијата со шест гласа „за“ и три „воздржани“, заклучи дека овој Предлог на закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Министерот за финансии за Предлогот на закон за изменување на Законот за начинот и постапката на исплатување на депонираните девизни влогови на граѓаните по кои гарант е Република Македонија (во прво читање) истакна дека имајќи в предвид дека можноста за плаќање на концесискиот надоместок и надоместокот за отуѓување и давање под закуп на градежно земјиште со обврзниците издадени за исплатување на депонираните девизни влогови влијае на намалување на приходите на општините, како и веќе извршената измена на Законот за градежното земјиште со која се уредува дека делот од надоместокот за  отуѓување и давање под закуп на градежно земјиште во сопственост на Република Македонија кој им припаѓа на општините се плаќа во парични средства, се предлага плаќањето на концесискиот надоместок и надоместокот за отуѓување и давање под закуп на градежно земјиште да се врши со обврзниците издадени за исплатување на депонираните девизни влогови само за делот од надоместокот што е приход на Буџетот на Република Македонија.

Комисијата со шест гласа „за“ и три гласа „против“ заклучи дека овој Предлог на закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Како матично работно тело, Комисијата го разгледа и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за државната ревизија (во прво читање), во врска со кој заменик-министерот за финансии истакна дека ќе се дефинираат вработените кои имаат и оние кои немаат статус на државни службеници.

Комисијата со шест гласа „за“ и три „воздржани“, заклучи дека Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за државната ревизија е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- По Предлогот на закон за изменување на Законот за задолжување на Република Македонија со кредит кај Европската инвестициона банка по финансискиот договор за глобално финансирање на мали и средни претпријатија и инфраструктурни проекти од локалната самоуправа во износ од 20 милиони ЕВРА (во прво читање), г. Рамизи истакна дека Министерството за финансии на почетокот на 2010 година започна со активности за анализа на потенцијалните решенија за идното функционирање на Земјоделскиот кредитен дисконтен фонд (ЗКДФ) единицата.

Со цел овозможување подобро насочување на средствата од ЗКДФ кон приоритетни и стратешки целни групи, како и евентуално обезбедување на поповолни кредитни услови за крајните корисници, преку директно пласирање на кредитите, Министерство за финансии предложи ЗКДФ да се префрли во Македонската банка за поддршка на развојот (во понатамошниот текст: МБПР), земајќи ги во предвид следните факти:

  • Активностите на ЗКДФ се во целосна корелација со целта и активностите на МБПР;
  • Можност за подобро насочување на средствата од ЗКДФ кон приоритетни и стратешки целни групи;
  • Можност за обезбедување на поповолни кредитни услови за крајните корисници, преку директно пласирање на кредитите, согласно новиот Закон за Македонска банка за поддршка на развојот („Службен весник на Република Македонија", бр. 105/09 од 21.08.2009 година).

Комисијата едногласно заклучи дека овој Предлог на закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Комисијата го разгледа и Предлогот на закон за Народна банка на Република Македонија (во прво читање). Воведно образложение даде министерот за финансии, кој истакна дека донесувањето на предложениот закон и неговата практична имплементација ќе значат зголемување на независноста и транспарентноста во работењето на Народна банка, со запазување на сите аспекти на нејзината независнот, почнувајќи од функционалната, институционалната, личната и финансиската, согласно европскиот правен поредок.

Покрај прашањата поврзани со статусот и функциите на Народна банка во Република Македонија, Предлог-законот содржи и одредби со кои се регулира улогата на Народната банка кога Република Македонија ќе стане членка на ЕУ, како и улогата на Народната банка по воведувањето на еврото како парична единица на Република Македонија.

Комисијата со шест гласа „за“ и три „воздржани“, заклучи дека Предлогот на законот за Народна банка на Република Македонија е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Во однос на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи (во прво читање), г. Рамизи истакна дека со цел да се пропише правен основ за постапување и проширување на надлежноста на Управата за јавни приходи во однос на наплатата на радиодифузната такса како јавна давачка, како и во однос на наплатата на паричните казни, односно глобите и трошоците изречени во парничните, прекршочните, кривичните и управните постапки во корист на Република Македонија, се утврди потребата од изменување и дополнување на членот 4 од Законот за управата за јавни приходи кој се однесува на делокругот на работата на Управата.

Исто така, поради итната и неодложна потреба за усогласување на статусот на вработените на Управата за јавни приходи во системот на државната служба која е произлезена од измените на Законот за државните службеници, се предлага дефинирање на правата и обврските на вработените во Управата за јавни приходи како вработени со статус на даночни службеници, вработени со статус на државни службеници и други вработени.

Комисијата со пет гласа „за“, три „против“ и еден „воздржан“, заклучи дека Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за Управата  за јавни приходи е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Како матично работно тело, Комисијата го разгледа и Предлогот на закон за финансиски друштва (во прво читање). Во воведното образложение министерот за финансии истакна дека една од препораките на Европската комисија е Република Македонија да ја зајакне финансиската интермедијација во небанкарскиот сектор и да се олесни пристапот до кредити.

Поаѓајќи од позитивното искуство со Законот за лизинг, кој доведе до забрзан развој на финансискиот лизинг во Република Македонија, искуството од земјите-членки на ЕУ и препораките на Европската комисија, се оцени дека донесувањето на посебна регулатива за небанкарски финансиски институции кои вршат кредитирање во разни форми ќе придонесе за развој и раст на овој значен сегмент на финансикиот пазар.

Донесувањето на Законот за финансиски друштва ќе влијае на транспарентноста во работењето на овие институции и на информираноста на јавноста за можностите што тие ги нудат, со што финансиските друштва ќе станат претпознатлива алтернатива на банкарската индустрија.

Комисијата едногласно заклучи дека Предлогот на законот за финансиски друштва е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

-  За Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за Царинската управа (во прво читање) заменикот на министерот за финансии истакна дека целта е поажурно водење на евиденцијата за извршени царински прекршоци и изречени прекршочни мерки при водењето на прекршочната постапка, со што ќе се овозможи попрецизен увид за сторени царински прекршоци, поефикасна работа и поголема контрола во работењето на Комисијата за одлучување по прекршок во Царинската управа. Со измена на членот 50 од законот се дефинираат работните места во Царинската управа на кој ќе се применува Законот за државни службеници.

Комисијата со шест гласа „за“, еден „против“ и еден „воздржан“ заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- На истата седница, беше разгледан уште Предлогот на закон за изменување и дополнување на Царинскиот закон (во прво читање).      

Во воведното образложение г. Рамизи истакна дека основна цел е целосно регулирање на пристапот кон царинското застапување, утврдување на критериумите за издавање на одобренија и лиценци, како и утврдување на казнените одредби кои ги дефинираат потешките прекршоци во однос на правата и обврските кои произлегуваат од застапувањето во царинските постапки.

Комисијата со седум гласа „за“ и три „воздржани“ заклучи дека Предлогот на законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

Click