Активности



Петок, 8 октомври 2010 година

Седумдесет и деветта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на Седумдесет и деветтата седница, одржана на 7 октомври 2010 година, како матично работно тело го разгледа Предлогот на закон за задолжување на Република Македонија кај Банката за развој при Советот на Европа по Рамковниот договор за заем за делумно финансирање на Проектот за реконструкција на казнено-поправните установи (по скратена постапка).

Воведно образложение по поднесениот Предлог на закон даде заменикот на министерот за финансии, г. Недим Рамизи. Тој истакна дека реформата на пенитенцијарниот систем во Република Македонија е дел од реформата на казненото законодавство и истата е во насока на исполнување на условите и апроксимација на стандардите потребни за обезбедување поквалитетно извршување на казната затвор, како услов за интеграција во евроатланските структури.

Со реализацијата на реформата во пенитенцијарниот систем се очекува да се изврши промена на ликот на затворите во Република Македонија со што ќе се отстранат причините и ќе се надминат состојбите на кои повеќепати се укажува од страна на надлежните домашни и странски институции и организации и ќе се добие:

  • Казнено-поправни и воспитно-поправни установи според европски стандарди со исполнување на европските затворски правила;
  • Воспоставување на систем за континуирана превенција од корупција;
  • Хуманизација во извршувањето на казната затвор преку создавање на оптимални услови за престој и работа на осудените и вработените лица во затворите;
  • Создавање на услови за примена на нови форми на третман на осудени лица и проценка на ризик;
  • Зголемена безбедност во сите одделенија на пенитенцијарните институции;
  • Јакнење на здравствената заштита и поголема грижа за здравјето на осудените и притворените лица;
  • Создавање на услови за работа на персоналот во казнено-поправните и воспитно-поправните установи заради примена на современите методи на третман на осудените;
  • Одговорност за прекршување на одредбите за извршување на санкциите.

Вкупниот износ на Проектот е 52 милиони евра, додека износот на Заемот е 46 милиони евра, при што Република Македонија ќе учествува со 10% од вкупниот износ на проектот, додека останатите 90 % се обезбедени преку овој Заем. Износот на буџетското кофинансирање изнесува 2,5 милиони евра, додека останатите средства се обезбедени од ИПА 2009 и ИПА 2010, како и од Фондот за инфраструктурни проекти за Западен Балкан и Норвешката Влада. Рокот на отплата на заемот е најмногу 20 години, со вклучен грејс период до 5 години. Повлекувањата на секоја следна транша ќе се реализира откако Република Македонија писмено ќе ја извести Банката за развој при Советот на Европа дека 90% од износот на претходната транша е алоциран.

Во претресот учествуваа пратениците Марјанчо Николов, Владанка Авировиќ, Крсто Мукоски, Јован Манасијевски и Живко Пејковски.

Комисијата со шест гласа „за“ и три  „против“ заклучи дека не се исполнети условите за изготвување на Дополнет предлог и му предлага на Собранието да го разгледа и донесе Законот за задолжување на Република Македонија кај Банката за развој при Советот на Европа по Рамковниот договор за заем за делумно финансирање на Проектот за реконструкција на казнено-поправните установи.

Click