Активности



Понеделник, 25 октомври 2010 година

Осумдесет и прва седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на 21 октомври 2010 година, ја одржа својата Осумдесет и прва седница.

Како матично работно тело, Комисијата го разгледа Предлогот на закон за изменување на Законот за персоналниот данок на доход, поднесен од пратеникот Јован Манасијевски (во прво читање), кој воедно и го образложи поднесениот закон.

Тој нагласи дека со завршување на тековната календарска година истекува рокот во којшто државата нема да ги оданочува каматите на орочените штедни и други депозити.С о предлогот за одложувањето на овој рок ќе се постигнат повеќекратни позитивни ефекти. Имајќи го предвид фактот дека повеќето економски проекции укажуваат дека и наредните две години ќе бидат кризни во кои ќе се чувствуваат сериозни импликации од кризните економски состојби кои постоеја во 2009 и 2010 година, за граѓаните ќе биде позитивно решение. Користа за државата и за општата економска состојба е дека со оваа мерка ќе се даде сигнал за поттикнување на штедењето, зголемување на депозитите на деловните банки и создавање услови за поголем кредитен потенцијал на банките.

Заменик-министерот за финансии, г. Недим Рамизи, се произнесе дека иако предложениот закон е прифатлив, не се согласува од причина што Владата наскоро ќе достави предлог на закон за измена на овој закон во кој покрај другите ќе го содржи и ова решение.

Со три гласа „за“ и седум „против“, Комисијата заклучи дека Предлогот на законот за изменување на Законот за персоналниот данок на доход не е прифатлив и не може да се даде на натамошно читање.

Комисијата за финансирање и буџет како матично работно тело го разгледа и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за Царинската управа (во второ читање).

Со оглед на тоа што по овој Предлог на закон не беа поднесени амандмани, Комисијата со шест гласа „за“, еден „против“ и два „воздржани“, заклучи да му предложи на Собранието да го разгледа и донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за Царинската управа.

На истата седница, по Предлогот на законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон, Комисијата како матично работно тело разгледа осум амандмани, од кои три беа усвоени, четири не беа усвоени и еден беше повлечен.

Комисијата со шест гласа „за“, еден „против“ и два „воздржани“ заклучи дека согласно Деловникот на Собранието на Република Македонија се исполнети условите за подготвување на Дополнет предлог на закон за изменување и дополнување на Царинскиот закон.

 


Click