Активности



Петок, 1 октомври 2010 година, Брисел

Создавање на квалитетна и непристрасна администрација како одговор на предизвиците на модерното работење

Во организација на Европскиот парламент на 29 и 30 септември 2010 година во Брисел, Кралството Белгија се одржа Парламентарен семинар на тема: „Реформа на јавната администрација и судството“.

На семинарот од Собранието на Република Македонија учествуваа пратениците: г. Рафис Аљити, потпретседател на Собранието и член на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, г. Зоран Петрески, претседател на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, г-ѓа Соња Мираковска, член на Законодавно-правната комисија и г. Владо Бучковски, член на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.

Семинарот беше посветен на прашањата на реформите на јавната администрација и судството во земјите од Западен Балкан (Република Македонија, Република Србија, Република Албанија, Федерацијата на Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово). На учесниците на семинарот им се обрати и имаше воведно излагање г. Пјер Мирел, директор на Генералниот директорат за проширување на Европската комисија. Во текот на семинарот свои излагања имаа европарламентарците г. Јан Олбрихт, член на делегацијата за односи со Албанија, БиХ, Србија, Црна Гора и Косово, г-ѓа Моника Маковеј и г. Денис де Јонг, членови на Комисијата за граѓански слободи, правда и внатрешни работи, г. Ханес Свобода и г. Зоран Талер, членови на Комисијата за надворешни работи и г. Анде Лис од Директоратот за проширување на Европската комисија. За значењето на реформите во јавната администрација пратениците имаа изворна можност да дебатираат со г. Јоргос Шацимаркакис, копретседавач на Мешовитиот парламентарен комитет - РМ и ЕУ.

На семинарот беа дебатирани прашања за преземените и спроведените реформи на јавната администрација и судството, потоа за придобивките и искористеноста на ИПА фондовите во делот на јакнење на капацитетите на државните институции, како и за сите останати прашања поврзани со напредокот на реформите во зајакнување на капацитетите на јавната администрација и судството.

Исто така, на пратениците им беше презентирано естонското искуство во реформите на јавната администрација и судството.

Во делот предвиден за кратки презентации, на секоја од делегациите и беше дадена можност да даде осврт на сопствените искуства на планот на преземените активности во областа на реформите на јавната администрација и судството.

Во име на Собранието на Република Македонија и на неговата делегација, свое излагање имаше г. Рафис Аљити, потпретседател на Собранието на Република Македонија. Притоа, тој го поздрави одржувањето на семинарот како можност за непосредна размена на искуства во оние области на преземени реформи кои се клучни за напредокот на секоја земја-аспирант за полноправно членство во Европската унија. Во таа насока, г. Аљити истакна дека Владата на Република Македонија посветено и континуирано работи на исполнување на политичките критериуми, меѓу кои се и реформите на јавната администрација, создавање на квалитетна и непристрасна администрација која ќе може во секое време и во секоја политичка констелација да одговори на предизвиците на модерното работење. Истовремено, тој предочи дека фокусот на активностите на Владата и на Парламентот е насочен кон овозможување на потребните услови за модерен судски систем, кој истовремено ќе биде гарант на основните граѓански слободи и права и гарант на уставниот поредок на земјата. За таа цел, г. Аљити ги информираше учесниците за текот на спроведувањето на овие реформи, за квантумот на донесени закони во оваа област кои овозможуваат независна судска власт, како и за сите законски и подзаконски акти во доменот на реформите на јавната администрација.

Click