Активности



Понеделник, 5 јули 2010 година, Брисел

За Република Македонија клучен приоритет е непречено одвивање на евроинтегративниот процес

Претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, г. Петар Поп-Арсов, од 4 до 6 јули 2010 година учествува на Конференција на претседателите на комисиите за европски прашања на државите-членки на Европската унија - КОСАК, што се одржува во Брисел, Кралството Белгија.

На конференцијата се говореше за приоритетите на белгиското претседавање со Европската унија, како и за односите помеѓу националните парламенти на земјите-членки на Европската унија со Европската комисија.

На конференцијата свое обраќање имаше и претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, г. Петар Поп-Арсов. Во своето излагање меѓу другото истакна дека:

„За Република Македонија клучен приоритет е непречено одвивање на евроинтегративниот процес. Фокусот на Република Македонија е насочен на два главни колосека: ефикасно спроведување на реформскиот процес и максимизирање на напорите за разрешување на спорот којшто беше наметнат од нашиот јужен сосед. Евроинтеграцијата е најсилен кохезивен фактор во македонското мултиетничко општество и претставува консензус, не само кај политичките чинители, туку и кај сите граѓани на Република Македонија. Пристапувањето на Република Македонија во ЕУ треба да се согледува во поширок контекст, а не само низ призмата на напредокот во надминувањето на разликата за името. Интеграцијата на Република Македонија позитивно ќе влијае врз регионалната стабилност и ќе биде во функција на мирот и стабилноста во Европа“.

На конференцијата свое излагање имаше г. Оливие Шастел, државен секретар за европски прашања на Белгија, кој говореше за приоритетите на белгиското претседавање со Европската унија и меѓу другото нагласи дека Белгија ќе се залага за откочување на евроинтегративниот процес на Република Македонија за време на белгиското претседавање со Европската унија и паралелно одвивање на евроинтегративниот процес на Република Македонија со евроинтегративниот процес на Исланд.

Click