Активности



Петок, 22 октомври 2010 година

Четириесет и деветта седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на денешната Четириесет и деветта седница (прво продолжение), како матично работно тело ги разгледа: Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за трговија (второ читање), Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за технолошки индустриски развојни зони (прво читање) и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за основање на Агенција за промоција и поддршка на туризмот во Република Македонија (прво читање).

По Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за трговија, согласно рокот утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, беа поднесени 3 амандмани од овластени предлагачи и тоа од пратеничката група на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Амандманите беа образложени од претставникот на предлагачите, г. Марјанчо Николов. Два амандмана со мнозинство гласови Комисијата за економски прашања не ги  усвои, а еден амандман беше повлечен.

Образложение на Предлог-законот даде претставникот на предлагачот, заменик-министерот за економија, д-р Методиј Хаџи-Васков. Тој истакна дека станува збор за измени во три клучни области. Првата клучна област на измените е усогласување на Законот за државни службеници. Втората измена е во прецизирање на одредбите во делот на функционирањето на Дирекцијата на технолошко индустриските развојни зони коишто имаат произлезено како потреба од досегашното нејзино функционирање и третата измена се однесува во делот на казнените одредби и начинот на контролата во спроведувањето во делот на овие зони. Начинот на којшто ќе се врши контролата ќе биде функционален и многу подобрен.

По завршувањето на расправата, Комисијата едногласно заклучи дека  Предлогот на Закон за изменување и дополнување на Законот за технолошки индустриски развојни зони е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Во образложението по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за основање на Агенција за промоција и поддршка на туризмот во Република Македонија д-р Хаџи-Васков истакна дека основната цел за негово донесување е усогласување со Законот за државни службеници и рационализација на начинот на којшто се носат актите на систематизација.

Предложените измени на законот содржат неколку решенија, а тоа се укинување на надлежноста на Управниот одбор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во врска со донесувањето на општите акти за организација и систематизација на работењето и истата преминува во надлежност на Директорот на Агенцијата.

Исто така, со измената е предвидена измена на статусот на постојано вработените во Агенцијата, на начин којшто за истите е предвидено добивање на статус на државни службеници чии права и обврски ќе се регулираат со Законот за државни службеници наместо досегашниот Закон за работни односи.

По завршувањето на расправата, Комисијата за економски прашања едногласно заклучи дека Предлогот на Закон за основање на Агенција за промоција и поддршка на туризмот во Република Македонија е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Click