Активности

Среда, 2 јуни 2010 година

Донациите и спонзорствата се важен извор за поддршка во реализирањето на многу јавни цели

Комисијата за култура на Собранието на Република Македонија, денеска, во рамките на Единаесеттата седница, го одржа првото продолжение на третата Надзорна расправа на тема „Имплементација на Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности“.

На средбата, покрај претседателот на Комисијата за култура, г. Васко Шутаров и заменик-претседателот г-ѓа Лилјана Затуроска, присуствуваа и членовите на Комисијата: г-ѓа Роза Топузова Каревска, г-ѓа Маринела Тушева, г. Феми Јонузи, г-ѓа Весела Честоева, г-ѓа Наташа Јаневска и г-ѓа Цена Матевска, заменик-членовите г-ѓа Соња Цветковска и г-ѓа Анета Стефановска, потоа координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, г-ѓа Силвана Бонева, членовите на Комисијата за финансирање и буџет, Комисијата за образование, наука и спорт, како и претставници на Националниот институт за демократија (НДИ), УСАИД и граѓанскиот сектор.

Во воведното излагање, претседателот на Комисијата даде свое образложение за Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности. 

Беше истакнато дека донациите и спонзорствата се неопходен и многу важен извор за поддршка во реализирањето на многу цели од јавен интерес - образованието, спортот, културата, екологијата, социјалата и здравството, но и особено значајни за финансиската одржливост на бројни невладини организации.

Присутните дебатираа на прашањата колку е успешна имплементацијата на Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности, имајќи ги предвид и веќе направените измени на Законот во 2008 година, какви придобивки има граѓанскиот сектор од овој закон, особено во културните и во спортските настани, какво е мислењето на големите фирми во Република Македонија за овој закон, дали тие имаат некаква корист од него и колку се корисниците на спонзорства и донации задоволни од овој закон.

Законот за првпат на системски начин овозможи физичките и правни лица да добиваат даночни олеснувања за донациите и спонзорствата за цели од јавен интерес.  

Со оглед на тоа што истражувањата покажуваат дека даночните олеснувања се важен поттик за донирање, законот е извонредно значајна рамка што несомнено ја погодува целта. Но дали словото и духот на овој постојано актуелен закон е содржински исполнет и функционален, дали се потребни одредени редизајнирања и редефинирања што би ја подобриле технологијата и администрирањето на спонзорствата и донациите, беа дилеми кои заеднички ги споделија учесниците на првото продолжение на надзорната расправа.

Во расправата, свое излагање имаа и директорот на Агенцијата за млади и спорт, г. Диме Спасов, директорот на Македонска филхармонија, г-ѓа Маја Чанаќевиќ,  менаџер за спонзорства, донации и фондации - Македонски Телеком АД - Скопје, г-ѓа Радмила Гутевска, директорот на Македонска опера и балет, г. Оливер Арсовски, директорот на фондација Аполонија, г. Аце Ристовски, како и директорот на Охридско лето, г. Тони Симоновски, извршниот директор на НВО ЦИРА, г. Зоран Стојковски, директорот на МОСТ, г. Дарко Алексов и г-ѓа Кристина Јотева, претседател на управен одбор на Т-Мобиле фондација, кои дадоa свои мислења и одговори до членовите на Комисијата.
Click