Активности



Вторник, 26 октомври 2010 година, Брисел 

Ефикасно спроведување на реформскиот процес

На 44. заседание на КОСАК, што од 24 октомври се одржува во Брисел, претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, г. Петар Поп-Арсов, имаше свое излагање, во кое, меѓу другото, истакна дека за Република Македонија клучен приоритет останува добивањето датум за почеток на пристапните преговори и непречено одвивање на евроинтегративниот процес.

Република Македонија е фокусирана на двете, за нас, главни цели: ефикасно спроведување на реформскиот процес и максимизирање на напорите за разрешување на спорот во однос на името на државата којшто беше наметнат од нашиот јужен сосед, Република Грција.

Во однос на реформите, Република Македонија континуирано испорачува конкретни и видливи резултати во клучните реформски области, особено во реформите на: државната администрација, правосудството, борбата против корупцијата, спроведувањето на Охридскиот рамковен договор, хармонизација со правото на Европската унија и подобрување на имплементација на законите и економските реформи.

Што се однесува до спорот што Република Македонија го има со Република Грција во однос на нашето уставно име, г. Поп-Арсов нагласи дека од Република Македонија се бара да има една проактивна улога во врска со надминувањето на тој проблем. За таа цел, македонскиот државен врв во континуитет нуди повеќе сугестии и алтернативи и во тој контекст оцени дека словенечко-хрватскиот модел е применлив и во нашиот случај на паралелно водење на преговорите за членство во Европската унија и водење на преговорите со Република Грција, доколку грчката страна не покаже интерес за надминување на овој спор.

Претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, г. Петар Поп-Арсов, на состанокот упати прашање до претседателот на Европскиот совет, г. Ван Ромпуј кое се однесуваше на откочувањето на евроинтегративниот процес и непречено одвивање на истиот.

Click