Активности



Вторник, 25 мај 2010 година

Средба на претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Петар Поп Арсов, со Делегација на Комисијата за надворешна политика на Сенатот на Романија

Претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Петар Поп Арсов, со членовите г-ѓа Славица Грковска-Лошкова, г-ѓа Владанка Авировиќ, г. Александар Спасеновски, г. Панче Дамески и г. Јован Лазаров, денеска остварија средба со Делегација на Комисијата за надворешна политика на Сенатот на Романија, предводена од претседателот на Комисијата, г. Титус Корлацеан.

Во состав на Делегацијата беа и членовите г. Георгица  Северин,  г. Ромео Никоара, како и Н.Е. Адриан Стефан Константинеску, амбасадор на Република Романија во Република Македонија.

На почетокот, претседателот Поп Арсов им посака срдечно добредојде на гостите и изрази надеж дека оваа средба ќе протече во духот на пријателството, како што го имаат Република Македонија и Република Романија.

Претседателот ги запозна присутните со составот и надлежностите на Комисијата, воедно се заблагодари за несебичната поддршка што Република Романија ѝ ја дава на нашата земја во рамките на евроинтегративниот процес и преку признавањето под уставното име.

Господин Титус Корлацеан ги истакна добрите политички односи што ги имаат двете земји и посочи во иднина да се работи и на продлабочување на економската соработка. Тој го поздрави укинувањето на визите за Република  Македонија, а воедно изрази надеж дека Република Македонија ќе добие датум за преговори за време на Шпанското претседателство со ЕУ.

Претседателот на Комисијата за европски прашања ја истакна важноста на политичкиот консензус на сите политички партии во Република Македонија  и на граѓаните од кои 95% се за евроинтегрирање во ЕУ и НАТО.

 

 

Click