Активности

Петок, 19 февруари 2010 година

Еврокомесарот за проширување и европска политика на соседството, г. Штефан Фуле, се обрати пред Мешовитиот парламентарен комитет - Република Македонија и Европска унија

Во рамките на Седмиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет - Република Македонија и Европска унија, кој се одржа на 18 и 19 февруари 2010 година, во Собранието на Република Македонија, пред пратениците од Делегацијата на Собранието на Република Македонија и европратениците во Делегацијата на Европскиот парламент во комитетот свое обраќање имаше г. Штефан Фуле, еврокомесар за проширување и европска политика на соседство на Европската комисија. На обраќањето присуствуваа и потпретседателите на Собранието на Република Македонија, координаторите на пратеничките групи, членовите на Националниот совет за евроинтеграции, членовите на Комисијата за европски прашања и членовите на Комисијата за надворешна политика на Собранието на Република Македонија.

Господин Штефан Фуле, изрази задоволство што веднаш по именувањето на новата функција, меѓу првите посети му е токму посетата на Република Македонија. Тој нагласи дека доаѓа во еден многу значаен момент во Република Макеоднија, по формирањето на новиот Европски парламент, новата Европска комисија и по стапувањето на сила на Лисабонскиот договор, во кој проширувањето останува да биде приоритет за Европската унија, особено за земјите од Западен Балкан, бидејќи членството во Европската унија е клучот за нивната иднина. Во однос на Република Македонија, комесарот Фуле истакна дека земјата „значително се осврнала на клучните приоритети“ и значително ги исполнила копенхашките критериуми.

 Еврокомесарот Фуле и честиташе на Република Македонија за визната либерализација, за која што истакна дека е резултат на напорната работа и политичкиот консензус, за што Унијата си ги одржала ветувањата. Во однос на спорот со името, рече дека одржувањето на добрососедски односи и изнаоѓањето заеднички прифатливо решение за двете страни, во рамките на ОН, останува клучно и нагласи дека во моментот има „прозорец на можности“ кој треба да се искористи, а неговата посета на Скопје е јасен сигнал за неговата заложба за надминување на овој проблем. 



Click