Активности



Петок, 22 октомври 2010 година

Германскиот проект за стипендирање на студенти - голема придобивка за македонското собрание

Во рамките на „Меѓународната парламентарна стипендија“ (ИПС), потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г. Рафис Аљити, оствари средба со Делегација на германскиот Бундестаг, на која истакна дека Собранието високо ја цени соработката во рамките на Проектот за стипендирање, преку кој на младите идни лидери им се нуди можност да работат во канцелариите на германските пратеници и со тоа директно да се запознаат со работата на Бундестагот.

Во составот на германската делегација беа: г-ѓа Уте Кумпф, пратеник, г. Милер Пројскер, директор на Институтот за физика при Хумболт-Универзитот Берлин и г. Бертолт Грис, заменик-раководител на одделот ЗТ – техника и управување.

Потпретседателот на македонското собрание се заблагодари за посетата и истакна дека билатералните односи меѓу Република Македонија и СР Германија ги карактеризира пријателство и висок степен на меѓусебно разбирање, што се надева дека ќе продолжи и во иднина.

Беше констатирано дека преку престојот во Германија, избраните кандидати имаат одлична можност да се запознаат не само со тамошниот политички, туку и со парламентарниот, академскиот, економскиот и културниот живот и потоа сето тоа да го пренесат во своите земји. Оваа година се избрани тројца стипендисти од Македонија за учество во Проектот.

Господин Аљити ја извести германската делегација дека стипендистите се покануваат во Собранието на Република Македонија за да се запознаат со неговата работа, што беше поздравено од германската страна, бидејќи е многу важно да бидат пренесени впечатоците и искуствата што се голема придобивка за македонското собрание. 

Госпоѓа Кумпф истакна дека е импресионирана колку младите луѓе во Македонија се заинтересирани за Германија и колку темелно се подготвуваат за тој избор за стипендија. Таа истакна дека е изненадена од составот на стипендистите, кои во поголем број се од женскиот пол, што лично ја радува. Германскиот пратеник потенцираше дека е многу важно по враќањето тие да бидат поактивни и да ги шират информациите за овој проект.

Македонскиот потпретседател даде сугестија при изборот на кандидати да се води сметка да се изберат оние кои потоа ќе сакаат да работат во образованието. Тој истакна дека политичарите треба повеќе да ги информираат студентите за можностите што им се пружаат.

Германската делегација даде уверување дека овој разговор и сите сугестии ќе ги пренесе во Берлин и изрази надеж дека искуствата од престојот во Германија, стипендистите на најдобар начин ќе ги пренесат во матичните земји.

Click