Активности



Петок, 4 јуни 2010 година, Комисија за култура

Второ продолжение на Надзорната расправа за имплементација на Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности

Комисијата за култура на Собранието на Република Македонија, денеска, во рамките на Единаесеттата седница, го одржа второто продолжение на третата Надзорна расправа на тема „Имплементација на Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности“.

На средбата, покрај претседателот на Комисијата за култура, г. Васко Шутаров и заменик-претседателот г-ѓа Лилјана Затуроска, присуствуваа и членовите на Комисијата: г.Петар Поп Арсов , г-ѓа Роза Топузова Каревска, г. Феми Јонузи, г-ѓа Весела Честоева, г-ѓа Наташа Јаневска, г-ѓа Цена Матевска,г.Џемаиљ Јашари и г-ѓа Фљора Кадриу, заменик-членовите г-ѓа Соња Цветковска , г-ѓа Анета Стефановска и г. Хајрула Мисини, потоа координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, г-ѓа Силвана Бонева, координаторот на пратеничката група на ДУИ, г.Тахир Хани, членовите на Комисијата за финансирање и буџет, Комисијата за образование, наука и спорт, како и претставници на Националниот институт за демократија (НДИ), УСАИД и граѓанскиот сектор.

Воведно излагање имаше претседателот на Комисијата, во кое накратко даде свое образложение за Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности.

Дали е законот лесно применлив, во колкава мерка е функционален, дали адмнистрирањето на процесот на даночни олеснувања е оперативен, дали се потребни поедноставувања на постапката и изнаоѓање на нови финансиски инструменти, колку корисниците од една страна и добротворите/давателите на спонзорства и донации од друга страна, се задоволни од функционалноста на законот, кои значајни предизвици се исправени во примената на овој закон, се дел од прашањата на кои се разговараше на средбата.

Свои мислења дадоа: претседателот на Управниот одбор од Друштвото на ликовни уметници во Република Македонија, г-ѓа Тања Балаќ, градоначалникот на општина Чаир, г. Изет Меџити, директорот на ДПТУ Ренова, г. Шефки Идризи, директорот на Филмскиот фонд на Република Македонија, г. Дарко Башески, директорот на Албански театар – Скопје, г. Адем Карага, претседателот на НВО „Борка“, г-ѓа Билјана Додева Христовска, музичарот и филантроп, г. Ќазим Асотиќ.

Комисијата смета дека ќе ѝ треба одредено време сите бројни сведоштва да ги систематизира, анализира и преточи во заклучоци и препораки.


 

Click