Активности



Петок, 28 мај 2010 година, Комисија за економски прашања

Јавна расправа за Нацрт-стратегијата за искористувањето на обновливите извори на енергија во Република Македонија до 2020 година

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија на Четириесет и втората седница, одржана на 28 мај 2010 година, како матично работно тело организираше Јавна расправа за Нацрт-стратегијата за искористувањето на обновливите извори на енергија во Република Македонија до 2020 година.

Во рамките на Јавната расправа, воведно излагање имаа претседателот на Комисијата за економски прашања, г. Љубисав Иванов Ѕинго и министерот за економија, д-р Фатмир Бесими, кои ја истакнаа важноста на оваа Стратегија.

Презентација на Нацрт-стратегијата дадоа академик Глигор Каневче од МАНУ и проф.д-р Рубин Талески од Електротехничкиот факултет при универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ од Скопје.

На јавната расправа учествуваа претставници од Македонската академија на науките и уметностите, Министерството за економија, стручни лица од институциите на енергетскиот сектор, истакнати професори од областа на енергетиката, стопанственици и невладини организации.

Свои дискусии, предлози и сугестии по Нацрт-стратегијата дадоа академик Јордан Поп Јорданов, пратеникот проф.д-р Јован Лазарев, проф.д-р Марко Серафимов од Машинскиот факултет при универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ од Скопје, г-ѓа Виолета Кецкароска, раководител на секторот за енергетика во Министерството за економија, г-ѓа Јасна Иванова-Давидовиќ, раководител на сектор во ЕЛЕМ, како и учесници од стопанството и невладините организации.

Јавната расправа претставуваше можност заинтересираните субјекти преку своите дискусии да ги изнесат своите согледувања за состојбите во енергетскиот сектор, со посебен акцент за обновливите извори на енергија во нашата земја.

По завршувањето на расправата и врз основа на дискусиите, Комисијата за економски прашања ги донесе следните Заклучоци:

  1. Комисијата за економски прашања при Собранието на Република Македонија и препорачува на Владата на Република Македонија да воспостави интегрирана политика на енергетика и животна средина, со цел обезбедување и снабдување со енергија за потрошувачите, ограничување на надворешната зависност од енергија, еколошка одржливост и за ефикасно справување со климатските промени;
  2. При планирањето на развојот на енергетскиот сектор во државата, Комисијата за економски прашања укажува на потребата за создавање на поволни можности за локални и странски инвестиции во областа на обновливите извори на енергии, подобрување на енергетската ефикасност, преземање на активни мерки за користење на обновливите извори на енергија и технологии со ниска емисија на јаглерод и други штетни елементи, сè со цел заштита на животната средина;
  3. Комисијата за економски прашања препорачува спроведување на широка национална кампања за подигнување на јавната свест за штедење на енергија, промовирање и инвестирање во обновливите извори на енергија кои најдобро одговараат на потенцијалот и приоритетите на државата;
  4. Имајќи предвид дека со развојот на обновливите извори на енергија се стимулира вработувањето, креирањето на нови технологии и подобрување на балансот на енергетскиот пазар, Комисијата за економски прашања препорачува и активно вклучување на единиците на локалната самоуправа во обезбедување на можности за инвестирање во областа на обновливите извори на енергија, промовирање на одржливи енергии и придобивки од користењето на обновливи извори на енергија;
  5. Комисијата за економски прашања оценува дека предлозите, забелешките и препораките изнесени на јавната расправа треба да бидат земени во предвид од страна на Владата на Република Македонија и Министерството за економија;
  6. Овие заклучоци, заедно со стенографските белешки од Јавната расправа, да се достават до Владата на Република Македонија и Министерството за економија. Заклучоците од јавната расправа да се достават и до претседателот Собранието на Република Македонија.
Click