Активности



Вторник, 9 февруари 2010 година

Jавна расправа по повод 9 февруари - Европски ден на безбеден интернет

Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Мешовитиот парламентарен комитет - Република Македонија и Европска унија по повод Европскиот ден за безбеден интернет денеска организираше јавна расправа на тема „Побезбеден интернет“.

На јавната расправа воведно обрќање имаше претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, а земаа учество и г. Патрик Паке, политички советник во Мисијата на Европска унија во Република Македонија, г. Јани Макрадули, потпретседател на Собранието на Република Македонија,  г. Александар Спасеновски, пратеник во Собранието на Република Македонија и претседател на Мешовитиот парламентарен комитет - РМ и ЕУ и г. Димитар Трајанов, Факултет за електроника и информациски технологии, Универзитет „Свети Кирил и Методиј".

Воедно беа поканети и претседателите и членовите на  Комисијата за надворешна политика, Комисијата за европски прашања, Комисијата за образование, наука и спорт, Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, Националниот совет за евроинтеграции (пратеници), Делегацијата во Мешовитиот парламентарен комитет Република Македонија и Европска унија, Делегацијата во Парламентарното собрание на Советот на Европа, експерти од областа, како и претставници на граѓанскиот сектор, Заедницата на единиците на локалната самоуправа, Владата на Република Македонија и на државни агенции.

Целта на оваа јавна расправа е да се крене свесноста на граѓаните за предностите, но и во однос на ризиците од користењето на интернет, особено во однос на заштитата на приватноста на нашите граѓани низ призма на праксата на државите-членки на Европската унија, како и создавањето поголема општествена грижа во Република Македонија за потребата од заштита на децата и младите од достапноста до интернет содржини кои се штетни за нивниот морал и здравје.

Врз основа на изнесените мислења, предлози и препораки на јавната расправа беа предложени следниве заклучоци кои треба да бидат усвоени на наредниот состанок на делегацијата:

  • Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација се приклучува кон одбележувањето на Европскиот ден за безбеден интернет;
  • Делегацијата се залага за унапредување на уставните начела на слободата на говорот, како и слободата на научното, уметничкото или друг вид на интелектуално творештво во светло на развојот на информатичката технологија и создавањето „општество базирано на знаење“;
  • Констатирајќи ги неспорните предности на развојот на информатичката технологија во контекст на остварувањето на целта за создавање „општество базирано на знаење“.
    Делегацијата се залага за засилена грижа за создавање побезбедна интернет околина за децата и младите луѓе;
  • Делегацијата истакнува дека е потребно Собранието на Република Македонија, како и другите институции во иднина  да посветуваат повеќе внимание на прашањето за безбеден интернет. Истовремено, се укажува на неопходноста од вложување натамошни напори за доближување на информатичката технологија до граѓаните во согласност со праксата на ЕУ за создавање побезбедна интернет околина за децата и младите, особено во светлото на усвоената Декларација за еУнија 2015, усвоена на Конференцијата за информатичко општество, одржана на 9 ноември 2009 година во Висби, Кралството Шведска.

 

Click