Активности

Вторник, 1 јуни 2010 година, Мадрид

КОСАК дава поддршка за проширување на Европската унија 

На Конференцијата на комисиите за европски прашања на земјите-членки на ЕУ - КОСАК што вчера и денес се одржува во Мадрид, во рамките на шестмесечното шпанско претседателство со Европската унија, на која учествува претседателот на Комисијата за европски прашања, Петар Поп-Арсов, расправата беше фокусирана на прашања поврзани со реализацијата на шпанските проиритети и тоа пред сè имплементацијата на Лисабонскиот договор во поглед на институционалното функционирање на европските институции, како и актуелната економска криза во Европската унија.

Притоа, беа разгледани повеќе аспекти на функционирањето на Европската унија, како резултат на имплементацијата на Договорот и тоа пред сè во поглед на реализација во практика на новиот модел на релации меѓу националните парламенти и Европскиот парламент, како и идната улога на КОСАК-конференциите од аспект на примена на принципите на субсидијарност и пропорционалност во однос на европската легислатива.

Во врска со овие прашања, свои коментари и појаснувања дадоа претседателот на Конгресот на депутати на Шпанија, г. Хосе Боно Мартинез, шпанскиот премиер г. Хосе Луис Родригез Запатеро, како и државниот секретар за европски прашања г. Диего Лопез Гаридо.

Пред учесниците на конференцијата, претседателот на шведскиот парламент, г. Пер Вестерберг, ги презентираше заклучоците, кои беа донесени на Конференцијата на претседателите на парламентите на земјите-членки на ЕУ, што се одржа  на 14 и 15 мај 2010 година во Стокхолм, а на која учествуваше и претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски. Во заклучоците се даваат насоки за функционирање на Унијата во согласност со можностите што ги нуди Лисабонскиот договор. Во таа насока, особено беше подвлечено значењето на зголемувањето на контактите и дијалогот меѓу Европската комисија и националните парламенти, преку навремено доставување на Годишната програма за работа на комисијата пред националните парламенти, со цел нивно навремено интервенирање со свои предлози.

На крајот на конференцијата беа усвоени заклучоци во кои се дава поддршка на процесот на проширување на Европската унија со нови земји-членки. Во таа насока, КОСАК повикува на напредок во преговорите со сите земји-кандидати во согласност со воспоставените принципи во оваа област, односно исполнување на копенхагенските критериуми.

За време на конференцијата, претседателот на Комисијата за европски прашања, Петар Поп-Арсов, оствари повеќе средби со претседателите и членовите на комисиите за европски прашања на земјите-членки, кандидати за ЕУ членство.

 

 

Click