Активности

Четврток, 14 октомври 2010 година

Македонската радиодифузна телевизија да се трансформира во вистински јавен сервис

Комисијата за транспорт, врски и екологија, на својата Педесет и осма седница, организираше Јавна расправа на тема: Каков радиодифузен сервис ѝ е потребен на Република Македонијa.

Претседателот на Комисијата, г. Тито Петковски, на почетокот изрази надеж дека денешната расправа ќе ја постигне целта за донесување на закон со кој ќе се надминат проблемите во радиодифузната сфера, а особено прашањето за финансирањето на јавниот радиодифузен сервис.

На оваа тема, експертите од Македонскиот институт за медиуми и Високата школа за новинарство и за односи со јавноста, со поддршка на Фондацијата Фридрих Еберт, изработија анализа на јавната радиодифузија во Република Македонија во контекст на европската медиумска политика. Во изработката учествуваа: м-р Снежана Трпевска, д-р Љубомир Јакимовски, д-р Весна Шопар, г-ѓа Билјана Петковска и м-р Жанета Трајкоска.

Проектот се состои од изработка на четири сеопфатни анализи, фокусирани на различни актуелни прашања во медиумскиот сектор во Република Македонија. Оваа анализа е прва во циклусот анализи, а ги опфаќа сите најзначајни прашања поврзани со јавниот радиодифузен сервис: значењето на јавната радиодифузија во демократското општество, програмските функции, моделот на финансирање, моделот на унапредување и надзор врз неговото работење и улогата на јавниот сервис во новото дигитално опкружување.

На крај од анализата е дадено и резиме на заклучоци и препораки за натамошните активности што треба да се преземат, со цел Македонската радиодифузна телевизија да се трансформира во вистински јавен сервис кој им служи на граѓаните и кој ќе ја има довербата и поддршката на граѓаните на Република Македонија.

На  јавната расправа земаа учество и г-ѓа Снежана Трпевска, г. Зоран Стефановски, г. Аљоша Сиљаноски, г. Јани Макрадули, г. Бранко Радовановиќ, г-ѓа Весна Шопар, г-ѓа Билјана Петковска, г. Цветко Грозданов, г. Драган Антоновски и г. Љубомир Јакимовски.

Присутните се согласија дека е потребно и е од особено значење формирање на јавен радиодифузен сервис, независен од центрите на политичка моќ, обезбедување на сите финансиски, технички и организациски услови, со цел непречено функционирање на сервисот и воспоставување на единствен модел за наплата на радиодифузната такса.

 
Click