Активности



Петок, 22 октомври 2010 година

Меѓународната парламентарна стипендија можност за поврзување на стипендисти од различни земји

Претседателот на Пратеничка група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Сојузна Република Германија, г. Јован Гинев, оствари средба со Делегација на германскиот Бундестаг по повод проектот „Меѓународната парламентарна стипендија“ (ИПС). На средбата присуствуваа и членовите: потпретседателот на Собранието на Република Македонија г. Рафис Аљити, пратениците г. Александар Спасеновски, г. Игор Ивановски и г-ца Христина Рунчева.

Во составот на германската делегација беа: г-ѓа Уте Кумпф, пратеник, г. Милер Пројскер, директор на Институтот за физика при Хумболт-Универзитот Берлин и г. Бертолт Грис, заменик-раководител на одделот ЗТ – техника и управување.

Претседателот г. Јован Гинев од свое име и од името на членовите на пратеничката група, ги поздрави гостите, воедно ги истакна добрите билатерални односи со Сојузна Република Германија како пријателска земја и голем поддржувач на Република Македонија за интегрирање во НАТО и во ЕУ.

Пратеникот г-ѓа Уте Кумпф посочи дека е позитивно изненадена од напредокот, модернизацијата на демократскиот процес, активноста на граѓанското општество во Република Македонија, како и од зголемениот број на жени и млади луѓе во Собранието на Република Македонија.

Меѓународната парламентарна стипендија е традиционална активност на германскиот Бундестаг, односно Проект на германскиот парламент, која дава можност на млади политички ангажирани луѓе со завршено универзитетско образование од земјите од Југоисточна Европа да се запознаат со парламентарниот систем на Германија.

Господинот Гинев изрази благодарност за можностите што оваа програма им ги нуди на младите луѓе од Република Македонија, како и од другите земји од Централна, Источна и Југоисточна Европа, бидејќи овој проект е одлична можност овие млади луѓе да се запознаат со парламентарниот, политичкиот, академскиот, економскиот и културниот живот на Германија и тоа знаење да го пренесат во своите земји.

Меѓународната парламентарна стипендија, освен на стипендисти од Република Македонија, се доделува и на уште 27 земји и претставува можност за поврзување на стипендистите од различни земји преку формирање на заедничка мрежа за комуникација, кои имаат двојна функција, на еден начин тие се амбасадори на Република Македонија во Сојузна Република Германија и обратно - амбасадори на Сојузна Република Германија во Република Македонија по враќањето, посочи г-ѓа Уте Кумпф.

Членовите на пратеничката група заеднички констатираа дека соработката и односите со Сојузна Република Германија се на многу високо ниво и од исклучително значење, независно од карактерот на која политичката партија припаѓаат. Тие, исто така, ја потенцираа и важноста на германските фондации во Република Македонија како интермедијален елемент за поврзување на овие две земји, кои придонесуваат како за развој на билатералните односи, така и за развој на цивилното општество.

Click