Активности



Четврток, 21 октомври 2010 година

Надзорна расправа за имплементација на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер

На својата Шеесетта седница, Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците на Собранието на Република Македонија, одржа Надзорна расправа на тема „Имплементација на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“.

Воведно излагање на седницата имаше претседателот на комисијата, г. Зоран Петрески, кој истакна дека денешната надзорна расправа предвидува испрашување на овластените претставници.

Надзорната расправа беше отворена со обраќање на министерот за правда, г. Михајло Маневски, кој истакна дека донесувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер е чекор напред кон демократизација на општеството.

Потоа следуваа обраќања и прашања за: г. Јанко Николовски, претседател на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер; г-ѓа Билјана Петковска, извршен директор на Македонски институт за медиуми; г-ѓа Неда Коруновска, координатор на програма од фондацијата Институт отворено општество; г. Жарко Хаџи-Зафиров од Здружението на млади правници; г-ѓа Сања Божовиќ, координатор на Правната клиника за слободен пристап до информации од јавен карактер, Младински образовен форум; г-ѓа Ирина Шумадиева, проектен координатор, Метаморфозис; г. Коста Дојчиноски од Управата за имотно-правни односи; г-ѓа Даница Антовска од Управниот суд; г-ѓа Оливера Китаноска од Државното правобранителство; г-ѓа Снежана Теодосиевска, државен советник, Народно правобранителство; г-ѓа Весна Трајанова од Основен суд Скопје 2 и г. Бошко Стојанов, шеф на Кабинетот на градоначалникот на општина Ѓорче Петров.

Со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер се уредуваат условите, начинот и постапката за остварување на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер со кои располагаат органите на државната власт и други установи и институции утврдени со закон, органите на општините, на градот Скопје и на општините во градот Скопје, јавните установи и служби, јавните претпријатија, правни и физички лица кои вршат јавни овластувања и дејност од јавен интерес, утврдени со закон.

Со него се обезбедува јавност и отвореност во работењето на имателите на информации и им се овозможува на физичките и правните лица да го остваруваат правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и понатаму ќе ги разгледува материјалите и исказите на учесниците.

Click