Активности



Вторник, 18 мај 2010 година

Намалувањето на сиромаштијата и социјалната исклученост - неопходна стратешка цел

Во организација на Комисијата за труд и социјална политика, денеска во Собранието на Република Македонија, се одржа Јавна расправа по Предлог-националната стратегија за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост во Република Македонија.

Во градењето на оваа стратегија се земени предвид повеќе постојни закони, стратегии, планови, анализи, информации и други извори, кои даваат слика за досегашните процеси и решенија во оваа област.

Се согледуваат и се предлагаат можни решенија за унапредување на положбата и социјално вклучување на лицата кои по разни основи ги немаат можностите кои системски се обезбедуваат.

Во расправата учествуваа министерот за труд и социјална политика, г. Џељаљ Бајрами, проф.д-р Јован Пејковски, проф.д-р Марија Доневска, проф.д-р Виолета Петроска-Бешка, г-ѓа Нада Милевска, проф.доц. Зоран Костов,  г-ѓа Марија Кишман, шеф на канцеларијата за Светската здравствена организација, како и пратениците: г. Сафет Незири, г-ѓа Дарка Петрушевска и г-ѓа Лилјана Поповска.

Методолошки, стратегијата е оформена според одделни области и подрачја во кои се согледува сиромаштијата и социјалната исклученост. Акцент се става на социјалната и здравствената заштита, образованието, транспортот, комуникациите, домувањето.

Изградбата на современ концепт на однесување кон социјално исклучените лица бара оформување на нов социјален модел, кој во прв план ја става личноста, персоналитетот, а не причината за исклученоста, припадноста, дијагнозата, инвалидитетот или која било друга основа за социјална исклученост на граѓанинот.

Меѓу стратешките цели се наведуваат: подобрување на условите на живот за сите граѓани, намалување на невработеноста, подобрување на состојбите на пазарот на трудот, подобрување на квалитетот на здравствената заштита за социјално исклучените групи, обезбедување на целосен опфат на учениците во основното и средното образование, оформување на систем на социјална заштита на најсиромашните граѓани, информациско општество за сите и друго.

Подготовката и донесувањето на оваа Национална стратегија е неопходна согласно предвидените процедури за подготвување на македонската држава и општество за процесот на евроинтеграција.  

Врз основа на дискусиите и искажаните ставови, Комисијата ги предлага следниве Заклочоци:                                              

  1. Комисијата дава поддршка на Владата на Република Македонија во градењето на концепт преку кој се утврдуваат идните политики насочени кон справување со сиромаштијата и социјалната исклученост;
  2. Комисијата дава поддршка на Владата на Република Македонија за мобилизирање на сите релевантни чинители, владини и невладини институции, социјалните партнери и локалните самоуправи активно да партиципираат во подготовката на Националниот акционен план согласно донесената Стратегија;
  3. Комисијата дава поддршка на Владата на Република Македонија во определбите за водење на активна политика за социјално вклучување, како и забрзување на процесот за изработка на Заедничкиот меморандум за социјална инклузија меѓу Владата на Република Македонија и Европската унија;
  4. Комисијата ја поддржува Владата на Република Македонија за следење на појавите, евиденицијата, формите и областите каде се случува социјална инклузија, и истите да бидат базирани врз стандардите кои се применуваат во Европската унија. При тоа во примената на овие стандарди и критериуми неопходно е да се респектираат и спецификите во Република Македонија во корелација со меѓународните стандарди и стандардите на ЕУ.
Click