Активности



Среда, 20 октомври 2010 година

НАТО со отворени врати за членство на сите балкански земји

На вториот ден од Седумдесет и петтиот РОС-РОТ семинар на тема „Југоисточна Европа: создавање на нов моментум“, кој се одржува во заедничка организација на Собранието на Република Македонија и Парламентарното собрание на НАТО, беше истакнато дека НАТО, како организација ориентирана кон безбедноста, има отворени врати за членство на сите балкански земји.

По вчерашната, прва сесија на тема: Република Македонија: Научените лекции во спречувањето на конфликтите и градење на мултиетничко општество, денеска, на втората сесија, стана збор за поддршката на реформските процеси во Западен Балкан: дали се потребни нови стратегии. Третата сесија беше за улогата на НАТО на Западен Балкан по Лисабон: очекувањата и перспективите, а во попладневната, четврта сесија, темата е создавање нов моментум за помирување и регионална соработка на Балканот.

Модератор на втората сесија беше г-ѓа Лубов Слиска, шеф на Делегацијата на Руската Федерација во ПС на НАТО, а свои излагања имаа: г. Џејмс Лајан, експерт за Балканот за стратегиите на САД на Балканот; Н. Е. г. Тудор Чуров, амбасадор, постојан претставник на Република Бугарија во Северноатлантскиот совет; г-ѓа Марија Јанин Калк, професор по Источна и Југоисточна Европска историја на Универзитетот Лидвиг Максимилијан  од Минхен и Европскиот колеџ во Натолин, за стратегиите на ЕУ и г. Флоријан Бејбер, професор за Југоисточно европските студии на Центарот за Југоисточно европски студии, универзитет во Грац, за перспективите на реформите во Босна и Херцеговина по изборите.

Се постави прашање за тоа дали НАТО можеби покажува замореност во врска со проширувањето, на што г. Бејбер одговори дека сега е незгодно време за такво нешто, со оглед на тоа што се дадени толку надежи и ветувања.

Модераторот на третата сесија, г. Нано Ружин, кој е декан на Факултетот за политички науки на ФОН Универзитетот во Скопје и поранешен амбасадор на Република Македонија во НАТО, го претстави овој семинар како форум каде што човек може да се информира и да се стекне со нови знаења, каде што се дискутира и се врши размена на идеи.

Со свои излагања се претставија: г. Јарослав Скониечка, директор во Директоратот за евроатлантски интеграции и партнерство, Сектор за политички прашања и безбедносни политики, седиште на НАТО, за еволутивната улога на НАТО на Балканот; потоа Н. Е. г. Артур Куко, амбасадор на Албанија во НАТО, за лекциите научени од пристапувањето на Албанија во НАТО и за актуелната улога на НАТО на Балканот, како и г. Оливер Крлиу, директор за политичко-безбедносната соработка и мултилатерални односи, Министерство за надворешни работи.    

Господин Скониечка изјави дека е неверојатно што нашата земја треба да ја нарекува под името Поранешна Југословенска Република Македонија, а не под нејзиното уставно име. Тој истакна дека тоа што го прави оваа земја заслужува признание. Во врска со спорот со името со Република Грција, рече дека НАТО не е вклучен на директен начин и може да даде само совет и поттик за негово решавање.

Албанскиот амбасадор во НАТО изјави дека сите сојузници биле тажни кога Македонија доживеа неуспех на Самитот во Букурешт, но тој сепак верува дека земјава ќе го добие заслуженото место и дека македонските војници ќе служат рамо до рамо со грчките и со оние од другите земји-членки на НАТО.

Во своето излагање г. Оливер Крлиу потсети на фактот дека учеството на Македонија во мировните мисии е навистина големо.Тој потенцираше дека НАТО ги има сите предуслови да одговори позитивно на проширувањето и дека може и треба да ја ефектуира поканата за членство на Македонија.

На последната, четврта сесија за денеска, модератор е г. Лазар Еленовски, претседател на Евроатлантскиот совет во Македонија, а свои излагања имаат: г. Јован Теокаревиќ, професор на Факултетот за политички науки на Белградскиот универзитет, за процена на неодамнешните напори за разрешување на билатерални спорови и промоција на регионалната соработка; г. Суле Кут, ректор на Универзитетот Окан во Истанбул, за регионалните спорови на Балканот и улогата на Турција; Тим Џуда, дописник од Балканот, Економист за иницијативите за регионална соработка; Н.Е. г. Ерван Фуере, специјален претставник и шеф на Делегацијата на ЕУ во Република Македонија, за помирувањето - прашање од суштинско значење за долгорочна стабилност; г. Далибор Јовановски, професор по Балканска историја при Институтот за историја на Филозофскиот факултет (УКИМ) за билатералните прашања и за придонесот на Република Македонија за регионалната соработка; г. Евангелос Кофос, висок советник, Грчка фондација за европска и надворешна политика (ELIAMEP), Атина за перспективите за разрешување на прашањето за името.

преземи

преземи

преземи

преземи

Click