Активности



Понеделник, 21 јуни 2010 година

Не постои друга алтернатива освен да се стане членка на ЕУ

Претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Петар Поп-Арсов и потпретседателите на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска и г. Рафиз Аљити, денеска остварија средба со претседателот на Чешката Република, г. Вацлав Клаус.

На средбата, покрај членовите на Комисијата за европски прашања, беше присутен и Н.Е. Јозеф Браун, амбасадор на Република Чешка во Република Македонија, како и членовите на Комисијата за надворешни работи, Комисијата за економски прашања, Комисија за образование, наука и спорт и Националниот совет за евроинтеграции во Собранието на Република Македонија.

Во воведното обраќање, претседателот на Комисијата за европски прашања ја истакна големата благодарност за континуираната и отворена поддршка што Република Чешка ѝ ја дава на Република Македонија во секој поглед, па и во евроинтегративниот процес.

Претседателот Клаус, за кого ова е прва посета на Република Македонија во својство на претседател на Чешката Република, ја искористи можноста да ја искаже својата благодарност за поканата.

Тој посочи дека неговото присуство е знак за добрите чешко-македонски односи и истакна дека не постои друга алтернатива освен да се стане членка на ЕУ, не постои друг вид на интегрирање освен интегрирањето кон ЕУ.

На средбата свои излагања имаа и потпретседателите на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска и г. Рафиз Аљити, како и заменик-координаторот на пратеничката група на СДСМ, г. Марјанчо Николов.

На крајот од средбата, претседателот Петар Поп-Арсов, од свое име и од името на пратениците на Собранието на Република Македонија, упати поздрав до новиот состав на Чешкиот парламент, кој од утре стартува со работа, посакувајќи успешна соработка во иднина, како што имаа и досега.

Click