Активности



Среда, 15 септември 2010 година

Неопходно е јакнење на капацитетите на канцелариите за контакт со граѓаните

По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на демократијата - 15 септември, во соработка со Националниот демократски институт (НДИ) и Институтот за парламентарна демократија (ИПД) во Собранието на Република Македонија беше организирана трибина на тема „Политичка одговорност – зацврстување на врските меѓу Собранието и граѓаните“, што отвори простор за дискусија за демократијата и можност да се разговара за тоа како Македонскиот парламент ги спроведува демократските функции.

Воведни излагања имаа: г. Димитар Спасеноски од Институтот за парламентарна демократија (ИПД), г. Тахир Хани, координатор на пратеничката група на ДУИ и претседавач на Управувачкиот совет на Проектот за канцеларии за комуникација со граѓани, г-ѓа Силвана Бонева, координатор на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, г-ѓа Цветанка Иванова, координатор на пратеничката група на СДСМ, г. Горан Мисовски, заменик-координатор на пратеничката група на НСДП-ЛП-НА, г. Коце Трајановски, претседател на ЗЕЛС и градоначалник на град Скопје, г-ѓа Татјана фон Штајгер Вебер, шеф на Швајцарската канцеларија за соработка во Македонија, г. Ерик Пасифик, директор на Канцеларијата за демократија и локална самоуправа, УСАИД и Кристина Т. Петреска, aсистент во Канцеларија за комуникација со граѓаните во Струга.

Со свои предлози и сугестии во дискусијата учествуваа и потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска и пратениците г. Васко Шутаров и г-ѓа Благородна Дулиќ.

Главен акцент на трибината беше ставен на проектот канцеларии за контакт со граѓаните, кој Собранието на Република Македонија го започна во 2003 година и го реализира со помош на НДИ, УСАИД, ИПД, Швајцарската агенција за развој и соработка и ЗЕЛС, со цел да се поттикне учеството на граѓаните во работата на Собранието, како најзначајна претставничка институција на демократијата, институција која ги застапува интересите на граѓаните и ги заштитува нивните права.

Со отворањето на тие канцеларии им се овозможува на граѓаните постојана комуникација со нивните избрани претставници. Токму затоа, беше укажано дека е неопходно јакнење на капацитетите на канцелариите и потреба секој пратеник да има свој асистент кој ќе му помага во тој контакт со граѓаните, како би се зголемила продуктивноста и ефикасноста во вршењето на пратеничката функција. Исто така, важно е пратениците редовно да доаѓаат во канцелариите и да имаат контакт како со граѓаните, така и со градоначалниците.

Демократијата се заснова врз правото секој да биде вклучен во решавањето на јавните прашања, така што бара постоење на соодветни инститиуции на сите нивоа и парламент во кој се претставени сите компоненти на општеството и кој ги има потребните овластувања и средства за да ја изрази волјата на луѓето.

Затоа, беше констатирано дека треба да се вложат напори со заедничка борба да се успее Македонското собрание да прерасне во модел кој целосно ќе одговара на потребите на граѓаните.

Click