Активности



Четврток, 23 декември 2010 година

Обраќање на потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска, по повод одбележувањето на 1100 години од упокојувањето на Охридскиот чудотворец Свети Наум Охридски

Дами и господа,

почитувани присутни,

Вечерашниов музички настан посветен на духовната музика е посветен и на одбележувањето на илјада и стогодишнината од упокојувањето на Свети Наум. Како што знаете, покровител на овој настан е Собранието на Република Македонија и претседателот на Собранието на Република Македонија, господинот Трајко Вељаноски, кој поради други обврски вечерва не е со нас. Би сакала во негово име да ги поздравам и присутните и нашите  музички  уметници, кои верувам ќе ни приредат незаборавна вечер.

Годинава во Република Македонија со најразлични манифестации и научни собири се одбележува  илјада и стогодишнината од упокојувањето на Свети Наум Чудотворецот.

Она што особено сакам да го истакнам, е фактот дека во одбележувањето се вклучени различни државни, високообразовни и научни институции, понатаму Македонската  православна цркава и други субјекти, што покажува дека како држава, како народ, како граѓани, знаеме да го почитуваме, да го чуваме и надградуваме нашето историско и културно наследство.  Тоа сме го покажале и докажале во изминатите векови, а убедена сум дека и во иднина ќе го правиме тоа, бидејќи само така може да го зачуваме нашиот национален, јазичен и културен идентитет.

Дами и господа,

За животот и делото на Свети Наум Чудотворецот, како што го именува народот, денес има многу богата научна литература зад која стојат имиња на научници, академици не само од Република Македонија, туку и од Балканот, но и од многу други европски држави. Ова е разбирливо бидејќи Свети Наум и неговото дело заедно со делото на Свети Климент Охридски, во суштина претставуваат континуитет на делото на нивните учители Светите браќа Кирил и Методиј, кои на јужнословенските народи им ја донесоа писменоста на мајчин јазик, со што и божјата беседа стана многу поразбирлива и поприфатлива.

По враќањето од мисионерската мисија во Европа, следејќи ги своите учители, Светите браќа Кирил и Методиј, Свети Наум го гради манастирот и манастирскиот комплекс посветен на Свети Архангел на најубавиот дел од Охридскиот брег. Во него Свети Наум развива богат духовен живот и затоа со право се смета за основоположник на монаштвото кај нас. Во исто време тој развива и богата литературна дејност, а се занимава и со хумана медицина лекувајќи болни од најразлични болести, а според преданијата се занимава и со лекување на психички состојби.

Сето ова покажува дека пред единаесет века Охрид, со првиот универзитет на Свети Климент, со делото на Свети Наум, бил еден од ретките европски духовни, просветителски и културни центри, а не провинција на Европа, Охрид  претставува еден од столбовите на европската цивилизација.

Денес, ние, нивните наследници сме должни да ги продолжиме и надградиме вредностите кои ни ги оставија овие великани и секако да ги пренесуваме на идните генерации.

На крајот би сакала уште еднаш, во името на Собранието на Република Македонија, да изразам длабока почит кон ликот и делото на Свети Наум и да Ве повикам сите заедно да уживаме во духовната музика.

Ви благодарам за вниманието

Click