Активности



Петок, 24 септември 2010 година

Обраќање на Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, на тркалезна маса во рамките на декадата на Обединетите нации на акција за подобрување на безбедноста на сообраќајот на патиштата 

Почитувани претставници на Светската автомобилистичка федерација,
Почитуван претседател на Авто-мото сојузот на Македонија,
Почитувани претставници на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата,
Дами и господа,

Безбедноста во сообраќајот на патиштата, како дел од вкупниот сообраќај, е тема и прашање кое има најширок општествен интерес. Во исто време, ова прашање, особено во овие динамични процеси на глобализација, исто така, добива глобална димензија. Самиот податок дека годишно во светот над 1,3 милиони луѓе умираат во сообраќајни несреќи, а материјалните штети и другите последици се речиси немерливи, покажува дека станува збор за глобален проблем. Токму затоа, Обединетите нации декадата 2011 - 2020 ја прогласија за Декада за безбедност на патиштата, а донесена е и посебна Резолуција.

За решавањето на овие прашања, треба да се појде, пред сè, од локално, односно државно ниво, а потоа да се оди на регион, па на ниво на Европа и така натаму. Денешната тркалезна маса, во која се вклучени, како домашните субјекти и институции кои се задолжени за безбедноста во сообраќајот на патиштата, така и нашите пријатели од Европа, навистина е добра можност да се види до каде сме како држава во решавањето на ова прашање. Во исто време имаме и можност да ги размениме искуствата со нашите европски пријатели. Јас би рекол дека со ова правиме и вистински чекор кон остварувањето на зацртаните цели, како на ниво на држава, така и целите содржани во споменатата Резолуција на Обединетите нации, како и соодветни документи на Европската унија.

Дами и господа, 

Република Македонија, соочувајќи се со порастот на незгодите во патниот ообраќај во последните пет години го донесе Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и други релевантни законски акти. Kако еден од поважните документи, согласно обврските кои произлегуваат од кандидатскиот статус за полноправно членство во Европската унија, Собранието во 2008 година усвои Национална стратегија на Република Македонија за Унапредување на безбедноста во сообраќајот на патиштата.

Активностите во оваа област ги спроведува Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Националната стратегија на Република Македонија за безбедност на сообраќајот на патиштата, анализирајќи ги причините и условите за сообраќајните незгоди, се потпира на повеќе закони и други документи, како што се Законот за јавни патишта, Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, понатаму Националната здравствена програма и други релевантни европски регулативи и практики. Односно, во неа се вклучени интердисциплинарни и меѓуресорски активности и мерки. Следејќи ги плановите и актите на Европската унија, со неа се предвидува во Република Македонија да се намали бројот на жртви од сообраќајот со смртни последици за 50% и бројот на загинати деца - жртви, учесници во сообраќајот да изнесува 0 (нула), односно да се сведе на минимум.

Верувам, сите ќе се сложите дека кога станува збор за намалување на бројот на сообраќајни незгоди, а особено за намалувањето на бројот на деца-жртви, на прво место е едукацијата. Едукација која треба да започне во семејството, па преку образовниот систем да создава генерации на луѓе со високоразвиена сообраќајна култура и чувство за одговорност како учесници во сообраќајот. А, токму во Националната програма, долгорочната ориентираност е во стратешките области, како што се: јакнење на свеста на граѓаните за потребата од сообраќајна едукацијa и континуирана едукација и професионален тренинг.  

Дами и господа,

Во Република Македонија безбедноста во сообраќајот на патиштата е еден од високо поставените приоритети. Владата, како и другите надлежни институции, вклучувајќи го и Собранието, многу сериозно и активно работат на примената и ефикасна реализација на сите мерки предвидени со Националната стратегија, со цел да се подобри безбедноста во сообраќајот. На ниво на Влада, веќе постои национално координативно тело, кое врши и мониторинг на реализацијата на Стратегијата, го следи и координира подготвувањето на годишните акциони планови и извештаи и дава насоки за понатамошно подобрување на безбедноста во сообраќајот. Исто така, Собранието кое ја усвои Националната програма и кое ги именува членовите на Републичкиот совет преку надлежените собраниски комисии, може да ја следи имплементацијата на Националната стратегија и да дава свои сугестии и мислења. Секако, како парламент, ќе продолжиме со натамошна хармонизација на националното законодавство со директивите на ЕУ кои се однесуваат на оваа проблематика.

На крајот, дозволете ми да ви посакам успешна работа, а на нашите гости пријатен престој во Република Македонија.

Ви благодарам за вниманието

Click