Активности



Понеделник, 20 септември 2010 година

Поздравно обраќање на шефот на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното Собрание на Советот на Европа г. Александар НиколOски

Почитуван претседател на Комисијата, г. Гринвеј,
Почитувани членови на Комисијата,
Дами и господа,

Со особено задоволство во име на Делегацијата на Собранието на РМ и од мое лично го поздравувам вашето учество на денешната и утрешната сесија на Комисијата на ПС на СЕ за миграција, бегалци и население. Таа се одржува среде интензивни активности во рамките на Македонското претседателство со СЕ - минатата недела туку што завршија Конференцијата посветена на религиозната димензија на мултикултурниот дијалог и улогата на медиумите и беше одржан младинскиот собир означен како Охридски процес, а ни претстои и министерска конференција посветена на унапредувањето на општествените вредности и културното наследство во Европа.

Настојуваме во сите сегменти да ја реализираме амбициозната програма која ја потврдува нашата посветеност на остварувањето на целите и заложбите на СЕ. Во време на светската економско-финансиска криза тоа не е ни малку лесна задача и принудени сме, со цел без да ја нарушиме усвоената шестмесечна програма, на рестриктивност во трошоците.

Затоа на самиот почеток  сакам да упатам извинување до сите вас заради промената од објективни причини, на местото на одржување на состанокот на Комисијата. Моето жалење е дотолку поглемо што како пратеник од Охрид чувствувам и лична обврска да ве запознаам со бисерот на македонскиот туризам, кој како дел на општоевропското културно и природно наследство се наоѓа под заштита на УНЕСКО. Се надевам дека тоа ќе биде предизвик и причина повеќе, како членови на ПС на СЕ или во које било друго својство, во идна прилика да ве поздравам во мојот роден град.

Дозволете ми во врска со прашањата кои се, денес и утре, на нашиот дневен ред да дадам неколку куси напомени.
Најнапред во врска со криумчарењето и недозволената трговија со луѓе  сакам да нагласам дека сите форми на ова зло-било да се на национален или меѓународен план,  жртвите да се жени, мажи или деца, заради каков било вид на експлоатација - сексуална, присилна работа или друга насилна причина, претставуваат рецидив на варварските времиња од дамнешното минато, кои апсолутно се неприфатливи во нашево време. Затоа борбата против трговијата со луѓе спаѓа во врвните приоритети на СЕ и заедно со ЕУ се воспоставени општоевропски стандарди во однос на кои се поставува прашање не дали се вградени во нашата легислатива туку како и колку ги остваруваме.

Клучни активности  на РМ на овој план во минатата година се реализирани во следниве области: се донесени измени во Казнениот законик со кој се заоструваат казнените мерки за прекршителите; се зајакнати техничките капацитети за борба против организираниот криминал; е формиран државен шалтер -центар за жртвите на трговија со луѓе; преку работилници и семинари е зголемена свесноста на целните групи (ученици, студенти и др.) за опасноста од трговијата со луѓе; континуирано  учествуваме во работата на транснационалнот механизам  на земјите на ЈИЕ во борбата против ова зло  и се регистрирани и кривично се  пријавени повеќе сторители на ова злосторство.

Во врска со денешниот распит посветен на миграциите и демографските предизвици сакам да нагласам дека е среќна околност што токму во оваа област кај нас е седиштето на регионалната експертска организација - МАРРИ, чии претставници се меѓу нас и со другите ексерти ќе можат да бидат релевантни соговорници во нашиот дијалог. Потсетувам  дека Регионалната иницијатива за миграција, азил и бегалци е воспоставена за прашањето на менаџирањето со миграцијата во Западен Балкан и има задача да ја промовира блиската регионална соработка и обезбедува кохерентен и интегриран пристап во однос на миграцијата, азилот и интегрираното гранично управување. Ова регионално прашање е значаен дел од процесот на евроинтеграцијата на регионот.

Република Македонија, Црна Гора и Србија минатата година врз основа на постигнатите резултати се стекнаа со визна либерализација, но се потребни дополнителни напори и за преостанатите две членки на МАРРИ Албанија и Босна и Херцеговина, наскоро да биде симната шенгенската завеса на ЕУ.

Следната година Република Македонија ќе спроведе попис на населението  со таканаречен отворен модел на прашања, што значи дека попишуваните лица, припадници и најмалите етнички заедници ќе можат слободно да ја декларираат својата етичка и религиска припадност и својот мајчин јазик, а не да бидат попишана во општата графа “други”. Би не радувало кога истото право би се однесувало и на македонското малцинство во сите соседни земји. Сметаме дека тоа не е никаква привилегија, туку општ европски стандард кој треба да биде применет без исклучок во сите земји членки на СЕ.

Ви посакувам успешна работа и пријатен престој во Скопје.

Click