Активности



Среда, 3 ноември 2010 година 

ПРАТЕНИКОТ СПАСЕНОВСКИ ИСПРАТИ ПИСМО ДО ЕВРОПРАТЕНИЦИТЕ ЗА ПОЧЕТОК НА ПРЕГОВОРИ ЗА ЧЛЕНСТВО 

Во пресрет на објавувањето на Извештајот за напредокот на Република Македонија за 2010 година од страна на Европската комисија, шефот на Делегацијата во Мешовитиот парламентарен комитет – Република Македонија и Европската унија (МПК - РМ и ЕУ), г. Александар Спасеновски, испрати писмо до европратениците членови на Делегацијата во МПК - РМ и ЕУ кои ги следат состојбите во Република Македонија, како и до координаторите на политичките групи во Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент и до известителот за Македонија, г. Зоран Талер. Во писмото, Спасеновски ги образложува причините поради кои на Република Македонија треба да ѝ се одреди датум за отпочнување на преговори за членство во ЕУ. Меѓу другото, Спасеновски истакнува дека Република Македонија, како земја-кандидат, за која Европската комисија и препорача отпочнување на преговори, вложи значителни напори за исполнување на копенхашките критериуми, а особено за спроведување на клучните приоритети од Претпристапното партнерство. 

„Република Македонија постигна добри резултати во делот на политичкиот дијалог, почитувањето на фундаменталните човекови права, спроведувањето на Охридскиот рамковен договор, реформите во полицијата и судството, како и на поле на економските критериуми. Друга област со неоспорен успех каде Република Македонија е целосно посветена е процесот на стабилизација и асоцијација и споредено со другите земји во регионот, Македонија беше првата која успешно ги заврши преговорите за Договорот за стабилизација и асоцијација и беше најбрзата земја, која во само три и пол месеци го пополни прашалникот на ЕУ. Денес Република Македонија го изгради потребниот капацитет и е подготвена да започне преговори за членство во ЕУ“, истакнува Спасеновски.

Исто така, Спасеновски наведува и дека Република Македонија беше единствената земја од поранешна Југославија која ја прогласи својата независност на мирен начин. Имајќи мирни и силни добрососедски односи, Република Македонија е единствената земја во регионот која го признава и не го оспорува суверенитетот на сите соседни земји.

„Во духот на добрососедските односи, Македонија го смени својот Устав и го измени своето државно знаме, за да излезе во пресрет на барањата наметнати од страна на Република Грција, но останува подготовена и целосно активна во наоѓање на заедничко и заемно прифатливо решение за билатералното прашање. Во текот на сите овие години, почнувајќи од првата година на својата независност до денес, земјата ја задржа својата целосна политичка заложба за евроатлантскиот процес и покрај неизвесното политичко и регионално опкружување. Истовремено, земјата игра многу конструктивна и активна улога во сите позитивни регионални и европски иницијативи“,  заклучи Спасеновски. 

Истакнувајќи ја важноста на ова писмо, Спасеновски се заблагодарува за континуираната поддршка и соработка на европратениците во процесот на пристапување на Република Македонија во Европската унија, со уверување дека успешните резултати ќе продолжат и во иднина како и досега, со цел за целосно спроведување на секоја задача која ќе води кон просперитетна иднина за сите граѓани на Република Македонија.  

Click