Активности

Понеделник, 20 септември 2010 година, Приштина

Безалтернативна потреба на регионот од отворена и непречена меѓусебна соработка

Претседателот на Комисијата за надворешна политика на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Теута Арифи на покана на претседателот на Комисијата за надворешна политика на Косово, г. Сабри Хамити, денеска учествува на Конференција на претседатели на комисии за надворешна политика од Југоисточна Европа, што се одржува во Приштина.

Конференцијата посветена на актуелните теми за регионот, потребата од ефикасна регионална соработка и вклучувањето во евроатлантските структури беше поздравена од претседателот на косовското Собрание, г. Јакуп Красниќи.

Во своето обраќање пред форумот госпоѓа Арифи ја подвлече безалтернативната потреба на регионот од отворена и непречена меѓусебна соработка, како и неговата евроатлантска интеграција. Таа нагласи дека општествата имаат обврска да го следат текот на современите и актуелни движења на економски и политички план, кои за среќа во актуелниов историски моментум се предизвиците од етаблирање и практикување на демократските вредности. Притоа, подвлече дека значаен дел од реализацијата на овие цели се на товар на политичките елити на државите од регионот, кои имаат обврска да овозможат амбиент на меѓусебна доверба, разбирање и соработка. Потпирајќи се на вербата во капацитетите, индивидуални и општествени, изрази длабоко уверување дека регионот ги поседува сите можности за брз развој и исполнување на стратешките цели.

Претседателот, г-ѓа Теута Арифи во неформалните билатерални разговори со своите пандани од другите држави, г. Фатос Беја (Албанија), г. Добросав Димитров (Бугарија), г. Крешимир Ќосиќ (Хрватска), г. Миодраг Вуковиќ (Црна Гора), г. Мехмет Челан (Турска), како и со домаќините, ги пренесе заложбите и стратешката определба на Република Македонија за развој на добрососедските односи, меѓусебното разбирање и толеранција како предуслов за економски просперитет на државите. Таа изрази подготвеност за развој на парламентарната соработка, особено на ниво на комисии за надворешна политика и за потреба од негувањето на непосредните контакти кои се без алттернативни во градењето на пријателските односи меѓу државите.  

Во рамките на престојот во Приштина, госпоѓа Арифи оствари разговори со заменик-министерот за надворешни работи на Косово, г-ѓа Флора Читаку, на кои беше подвлечена потребата од воспоставување поголема динамика во меѓусебната соработка. Со оглед на фактот што евроатлантската интеграција е заедничка цел, госпоѓа Арифи изрази подготвеност за пренесување на македонските искустава на овој план, како и искуствата од примената на мултетничкиот модел, односно Рамковниот договор во Македонија, но и за други проекти кои би значеле унапредување на меѓусебната соработка во повеќе области.

Click