Активности



Четврток, 21 октомври 2010 година

Проактивна политика со цел побрзо интегрирање на регионот во евроатлантските структури

„Цврсто веруваме дека сите ние, земјите од Балканот, имаме капацитет да изградиме нов Балкан, ослободен од остатоците на минатото. Имаме иста цел, исти интереси, заедничка иднина. Потребни се натамошни напори постигнатиот прогрес да стане сигурен и неповратен. Нашата политика мора да биде проактивна со што побрзо интегрирање на регионот во евроатлантските структури“, посочи г. Талат Џафери, шеф на делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на НАТО, на  третиот ден од Седумдесет и петтиот РОС-РОТ семинар, на тема: „Косово по советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата (ICJ): што потоа?“.

Модератор на петтата и последна сесија од семинарот, беше г. Крешимир Ќосиќ, шеф на Хрватската делегација во ПС на НАТО, а свои излагања имаа: генералот Ерхард Бухлер, КФОР; генералот Силвио Бонфиљи, шеф на ЕУЛЕКС на Косово; г. Кренар Гаши, директор за истражување во Косовскиот институт за истражување и креирање политики; г. Душан Рељиќ, аналитичар во Германскиот институт за меѓународни прашања и безбедност; г. Наим Рашити и г. Срѓан Ѓерич, аналитичари од Меѓународната кризна група, а завршни забелешки дадоа г. Талат Џафери, шеф на делегацијата на Собранието на Република Македонија во ПС на НАТО и г. Дејвид Хобс, генерален секретар на ПС на НАТО.

За најмладата држава во регионот, Република Косово, учесниците ја акцентираа потребата за натамошна консолидација на државните институции, правната држава и демократските процеси со поддршка на меѓународната заедница и истакнаа дека нејзиното место е во Европа и нејзината иднина во евроатлантските интеграции.

На тридневната сесија беа презентирани искуства од научените лекции од другите земји-членки на НАТО и размена на мислења со членовите на повеќе парламенти, професори, претставници на невладини организации и други еминентни учесници. Преовладаа размислувањата за потребата од поголема посветеност кон Македонија, Косово и Босна и Херцеговина заради постоење на сериозни отворени прашања.

Се потврди ставот дека Македонија е лидер во регионот и извозник на мир, но поради отвореното прашање поврзано со името на државата, сè уште не е дел од НАТО клубот.

Се реафирмира потребата за натамошна имплементација на Охридскиот рамковен договор и градење на интегрирано мултиетнично општество, што како позитивно искуство веќе предизвикува интерес во регионот и пошироко.       

Семинарот ја покажа големата и важна улога на парламентите и нивната  парламентарна димензија, како еден од главните столбови за изградување, зацврстување и транспарентност на процесот на евроатлантска интеграција на земјите од регионот.

На крајот, учесниците уште еднаш посочија дека ако не можеме да се согласиме за минатото, да се согласиме за иднината за заедничка интеграција во НАТО и ЕУ и ја реафирмираа потребата за сите отворени прашања или спорови во регионот што поскоро да се најде решение со цел нивна интеграција во НАТО.  

„Би сакал да укажам дека иако на претстојниот Лисабонски самит основна тема ќе биде Новата стратегија на НАТО, сепак очекуваме да се реафирмира ставот на Алијансата за политиката на отворени врати и да продолжи процесот на проширување на НАТО“ - истакна г. Талат Џафери, во своите завршни забелешки од Седумдесет и петтиот РОС-РОТ семинар на тема „Југоисточна Европа: создавање на нов моментум“, кој се одржа во заедничка организација на Собранието на Република Македонија и Парламентарното собрание на НАТО.

преземи

преземи

Click