Активности



Понеделник, 25 октомври 2010 година

Прва официјална средба на Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Република Косово

Претседателот на Пратеничка група на Собранието на Република Македонија за соработка со парламентот на Република Косово, г. Илија Китаноски, денеска оствари средба со г. Скендер Дурмиши, в.д амбасадор на Република Косово во Република Македонија. На средбата присуствуваа и членовите на пратеничката група: г-ѓа Силвана Бонева, г. Јани Макрадули, г. Абедин Зумбери, г. Сафет Незири, г. Џемаил Јашари и г-ѓа Роза Топузова-Каревска.

Ова беше прва официјална средба на Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Република Косово.

„Би сакал од свое име, а и од името на целата група, да ви го честитам отпочнувањето со работа на новата амбасада и вашето назначување на функцијата прв в.д амбасадор на Република Косово во Република Македонија и притоа да ви посакам многу успех во работата“, истакна претседателот г. Илија Китаноски, во своето воведно обраќање.

Господинот Дурмиши ги поздрави присутните и членовите на пратеничката група за соработка, заблагодарувајќи се за иницијативата за создавање на оваа пратеничка група, посочи дека овој вид на соработка е  значаен чекор за Република Македонија и Република Косово, кои ја потврдуваат добрата соработка помеѓу двете земји, како досега, така и во иднина.

Односот меѓу двете држави, членовите го окарактеризираа со висок степен на економска и трговска соработка, како и соработка во областа на спортот, културата и туризмот, потенцирајќи ја важноста за мирот и стабилноста во регионот, а од особено значење е фактот што помеѓу двете земји немаат отворени прашања. 

На крајот од средбата, присутните изразија надеж дека овој вид на институционална соработка во иднина ќе придонесе за унапредување на комуникацијата помеѓу двете држави, отворање на сите битни прашања, развивање на односите и севкупната соработка на сите полиња.

Click