Активности

Петок, 18 јуни 2010 година

Прво продолжение на Шеесет и петтата седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на првото продолжение од Шеесет и петтата седница, одржана на 16 и 17 јуни 2010 година, како заинтересирано работно тело го разгледа Предлогот на закон за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатија со општествена и државна сопственост, поднесен од пратениците Анастасова Станка, Андонов Миле, Бендевска Весна, Бучковски Владо, Грковска-Лошкова Славица, Диневски Менде, Иванова Цветанка, Ивановски Игор, Макрадули Јани, Минчев Горан, Николов Марјанчо, Петров Андреј, Станковиќ Емилијан, Сугаревски Горан, Тушева Маринела, Ќуркчиев Никола, Чингоски Томе, Шеќеринска Јанковска Радмила, Кадриу Флора, Селмани Имер, Зумбери Абедин, Рушити Сулејман, Петковски Тито, Мираковска Соња, Андов Стојан, Оровчанец Ѓорѓи и Мисовски Горан (во прво читање).

Образложение по поднесениот закон даде пратеникот Марјанчо Николов како претставник на предлагачите на законот.

Тој нагласи дека целта на законот е да се реши статусот на лицата кои останале без работа по основ на прогласување на стечај, ликвидација или технолошки вишок во претпријатијата со општествена и државна сопственост поради нивното приватизирање.

Со Законот се предлагаат решенија, според кои на лицата кои останале без работа поради приватизација на претпријатијата со општествена и државна сопственост, да им се обезбеди паричен надомест во висина од 30% од просечно исплатената плата по работник во Република Македонија за претходната година.

За спроведување на овој закон, потребно е да се обезбедат финансиски средства од Буџетот на Република Македонија за 2010 година, во износ од околу 12.000.000 евра. Решавањето на статусот на овие лица ќе овозможи истите да добијат минимални услови за егзистенција како за нив, така и за нивните семејства.

На крајот од расправата, со три гласа „за" и четири гласа „против", Комисијата заклучи дека Предлогот на законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатија со општествена и државна сопственост не е прифатлив и не може да се даде на натамошно читање.  

Click