Активности



Петок, 9 јули 2010 година, Комисија за европски прашања

Разгледана Програмата и приоритетите за работата на Претседателството на Кралството Белгија со ЕУ

Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 8 јули 2010 година ги разгледа Програмата и приоритетите за работата на Претседателството на Кралството Белгија со Европската унија, за период 1 јули - 31 декември 2010 година, претставени од амбасадорот на Кралството Белгија, Н.Е Марк Микелсон.

На седницата присуствуваа и членовите на Комисијата за надворешна политика, Националниот совет за евроинтеграции и на Мешовитиот парламентарен комитет РМ-ЕУ,  како и вршител на должноста на Кралството Белгија во Република Македонија, Н.Е Марк Микелсон, специјалниот преставник на Европската унија и шеф на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија, Н.Е Ерван Фуере,  амбасадорот на Република Унгарија во Република Македонија, Н.Е Ференц Кекеши и амбасадорот на Кралството Шпанија во Република Македонија, Н.Е Хозе Мануел Пас и Агуерас.

Н.Е. Марк Микелсон, ги презентираше приоритетите на Белгиското претседателство со Европската унија. Во наредните шест месеци Белгиското претседателство ќе биде сконцентрирано на пет главни приоритети, и тоа на социоекономската компонента, социјалната компонента, на животната средина, на слободата, правдата и безбедноста и на надворешните односи.

Амбасадорот оцени дека перспективата на евроинтеграцијата на една земја бара време и се одвива во фази. Некогаш се случуваат некои работи кои се добри, а некогаш лоши, но улогата на претседателството е да види шанси кога се јавуваат позитивни случувања, а тоа да се капитализира од одредена земја за да се продолжи кон ЕУ.Тој рече дека Белгија очекува напредок во наредните недели и месеци во преговорите за името меѓу Република Македонија и Република Грција и доколку тоа се случи, веднаш ќе се постави прашањето за датум за старт на пристапните преговори со ЕУ. Оптимизмот во однос на спорот со името го гледа во фактот што и покрај разговорите кои се одвиваат во рамки на ОН, има и зачестени дирекни средби на премиерите на двете земји.

Н.Е. Ерван Фуере, во своето обраќање истакна дека треба да се направат дополнителни напори за интензивирање на македонско-грчкиот дијалог, бидејќи решението на спорот за името е повеќе од потребно.

Тој оцени дека разочарувачки е што е ослабен политичкиот дијалог на национално ниво, а тоа пак има влијание и на парламентарно ниво. Според него, неопходно е што поскоро наоѓање компромис за собранискиот Деловник, да се забрзаат реформите во полицијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал, во јавната администрација и особено во судството, каде сè уште има политичко влијание и мешање. Посочи дека се особено важни и реформите во образованието, во контекст на спроведувањето на Охридскиот рамковен договор, за да се осигура довербата меѓу заедниците.

Претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Петар Поп-Арсов, ги поздрави приоритетите на Белгиското претседателство и особено фактот што проширувањето на Европската унија останува на агендата и за време на ова претседавање со ЕУ.

Тој истакна дека за Република Македонија клучен приоритет е непречено одвивање на евроинтегративниот процес. Фокусот на нашата земја е насочен на два главни колосека: ефикасно спроведување на реформскиот процес и максимизирање на напорите за разрешување на спорот којшто беше наметнат од нашиот јужен сосед.

Click