Активности

Четврток, 14 октомври 2010 година
 
Регионалната парламентарна соработка значајна за успешна борба против сиромаштијата и социјалната исклученост 

Во организација на Собранието на Република Србија и Регионалниот совет за соработка, од 11 до 13 октомври, во Белград се одржа Регионална конференција на тема „Борба против сиромаштија и социјална исклученост во контекст на евроинтеграциските процеси: Улога на националните парламенти", на која учествуваа и пратениците - членови на Комисијата за труд и социјална политика на Собранието на Република Македонија: г. Никола Котевски и г-ѓа Станка Анастасова.

На конференцијата свое воведно обраќање имаа: г-ѓа Славица Ѓукиќ-Дејановиќ, претседател на Собранието на Република Србија, г. Хидо Бишевиќ, генерален секретар на Регионалниот совет за соработка, г-ѓа Ана Ибрисагиќ, пратеник во Европскиот парламент, г. Винсент Дегерт, шеф на делегацијата на ЕУ во Белград, а свои презентации имаа и пратеници од повеќе национални парламенти од регионот.

Низ дискусии и презентации за практични примери за начините и средствата за борба против сиромаштијата и социјалната исклученост, се потврди дека сите земји постигнале напредок во намалувањето на индексот на сиромаштија, но тој позитивен тренд беше прекинат од светската финансиска и економска криза која ги зафати сите земји од регионот. Битна улога во борбата против овие социјални феномени имаат националните парламенти преку прифаќањето на европското законодавство од областа на трудот и социјалната политика. Во тој поглед, неопходна е постојана соработка на парламентите преку размена на искуства, со цел изготвување на квалитетни законски решенија за успешна борба против сиромаштијата и социјалната исклученост.

Учесниците на конференцијата потсетија дека 2010 година од Европската унија е прогласена за година на борба против сиромаштијата и социјалната исклученост и дека овој настан претставува регионален придонес кон оставувањето на таа цел.

Пратеникот, г. Никола Котевски, зборуваше за Стратегијата на Република Македонија за борба против сиромаштија, која беше донесена оваа година, а опфати и други прашања од оваа област. Исто така, изрази подготвеност за размена на искуства со пратеници од другите парламенти.

Вториот ден од конференцијата, пратениците од Собранието на Република Македонија остварија средби со министерот за труд и социјална политика, г. Расим Љајиќ, со г. Срѓан Мајсторовиќ, заменик-директор на канцеларијата за ЕУ интеграција, со Снежана Стојановиќ-Плавшиќ, претседател на Комисијата за намалување на сиромаштијата во Собранието на Република Србија и со г-ѓа Андрија Меглиќ, претседател на Комисијата за труд, семејство, социјална политика и инвалидност во Собранието на Република Словенија, при што заемно беше предложена иницијатива за поблиска соработка помеѓу соодветните парламентарни комисии на билатерална и регионална основа.
Click