Активности



Вторник, 12 октомври 2010 година

Регионалната политичка соработка на Западен Балкан клучна за евроатланските интеграции

Собранието на Република Македонија, заедно со Фондацијата „Конрад Аденауер“ и Институтот за демократија „Societas Civils“ Скопје, денеска организираа Тркалезна маса на тема „Регионалната политичка соработка на Западен Балкан - на пат кон заедничката цел евроатланските интеграции" .

На Тркалезната маса воведни излагања имаа директорот на Фондацијата „Конрад Аденауер“, г. Анри Боне и директорот на Институтот за демократија „Societas Civils“, г. Владимир Мисев, воедно земаа учество и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, г-ѓа Силвана Бонева, Н.Е. Алаин Брајан Бергант, амбасадор на Словенија во Република Македонија, Н.Е. Томислав Џурин, амбасадор на Република Србија во Република Македонија, г. Сафет Незири, пратеник на ДУИ, Н.Е. Арбен Чејку, амбасадор на Албанија во Република Македонија, г-ѓа Лилјана Поповска, пратеник и член на Комисијата за надворешна политика и г-ца Христина Рунчева, пратеник и член на Комисијата за надворешна политика при Собранието  на Република Македонија.

Пратеници и амбасадори на земјите од регионот имаа можност да дискутираат и да ги споделат своите погледи во однос на поволностите од зајакнатата регионална соработка на полето на безбедноста, економијата, транспортот, инфраструктурата, животната околина, борбата против организираниот криминал на патот на Република Македонија кон ЕУ, како и евроатланската интеграција на нејзините соседи на Балканот.

Јакнењето на регионалната соработка во регионот Западен Балкан претставува една од круцијалните заложби на сите земји од регионот и клучен фактор за воспоставување и одржување политичка стабилност, сигурност и економски просперитет. Оттука, заложбите за зајакната соработка во овие сфери останува да биде висок приоритет на владите на земјите од регионот.

Меѓу мислењата изнесени на денешната Тркалезна маса, се дека регионалната соработка не може директно да не внесе во ЕУ и НАТО, но може да придонесе за нејзино побрзо етаблирање, дека треба да се интензивира парламентарната соработка како приоритет на регионалната соработка за пратениците да бидат промотори и двигатели на овој процес преку работа на проекти кои би придонеле за инфраструктурно, економско и културно поврзување помеѓу земјите од регионот, со цел надминување на стереотипите од минатото и дека политичкиот дијалог помеѓу државите е клучен за ЕУ приближување.

Со цел поширока афирмација на улогата на регионалната соработка на Западен Балкан во процесот на интеграција на регионот кон евроатланските структури, потребата од регрутирање на експертизата во сферата и поттикнување на јавна дебата, беше промовирано и новото, триесет и прво издание на „Политичка мисла“ посветено на оваа тема.

Click