Активности

Вторник, 1 јуни 2010 година, Рига

Делегација на Собранието на Република Македонија учествуваше на Пролетното заседание на Парламентарното собрание на НАТО

Делегација на Собранието на Република Македонија учествуваше на Пролетното заседание на Парламентарното собрание на НАТО, што се одржува од 28 мај до 1 јуни 2010 година во Рига, Латвија. Делегацијата е во состав: Талат Џафери, шеф на делегацијата и Владо Бучковски, член на делегацијата. 

Во рамките на Комитетот за цивилна безбедност на одбраната, се разгледа Извештајот за Западен Балкан: 15 години по Дејтон, кој се осврна на балканските постигнувања и перспективи. Извештајот дава објективна слика за случувањата во регионот, анализирајќи ги главните недостатоци за негова целосна нормализација. Извештајот особено се осврнува на специфичните тешкотии што се појавуваат со одредени апликации, како што е случај особено со Република Македонија, кога и покрај, без сомневање добро спроведениот реформски процес, нејзините апликации за НАТО и за ЕУ продолжуваат да тапкаат во место поради нерешеното прашање со името на државата.

Талат Џафери, шеф на делегацијата, учестуваше на церемонијата на донирање на книги со НАТО тематика за новата национална библиотека на Латвија, што, исто така, беше организирана во рамките на заседанието

Во текот на заседанието околу 340 парламентарци од 28 земји-членки на НАТО, земјите со асоцијативен статус, како и голем број на парламентарни набљудувачи, дискутираа за главните меѓународни безбедносни прашања. Дебатите најпрво се одвиваа во петте комитети  на ПС на НАТО  (Политички, Одбрана и безбедност, Наука и технологија, Цивилна димензија на одбраната, Економија и безбеденост). На пленарната седница, која се одржа на 1 јуни, се обратија: Џон Танер, претседател на ПС на НАТО, Гундарс Дауце, спикер на Латвискиот парламент, Валдис Домбровскис, премиер на Латвија, Абдула Рахим Вардак, министер за одбрана на Авганистан, како и Андерс Фог Расмусен, генерален секретар на НАТО и претседател на Северноатлантскиот совет. 



Click