Активности

Вторник, 22 јуни 2010 година

Надминување на етничката дискриминација и расизмот на Балканот во спортот

Претседателот на Комисијата за образование, наука и спорт, г. Сафет Незири и членовите на комисијата, г-ца Маринела Тушева и г. Цветко Грозданов денеска имаа состанок со делегација на Македонскиот центар за култура и развој, претставници од Советот на Европа - Директорат за спорт и ВИДИК.

Средбата се одржа по повод одржување на Меѓународна конференција - Скопје 2010, од 13-14 октомври 2010 година во Скопје, насловена како Зајакнување на демократските вредности во спортот: „Како да се надмине етничката дискриминација и расизмот на Балканот?!“, во организација на Македонскиот центар за култура и развој, како национален координатор на мрежата ФАРЕ (Фудбал против расизмот во Европа), а во соработка со Фудбалската федерација на Македонија, Советот на Европа - директоратот за спорт и ВИДИК - Австрија.

На средбата стана збор за тоа дека меѓународната конференција е исклучителна потреба и можност за градење на хумана атмосфера и дух на спортските натпревари, кои несомнено се неопходни и посакувани на овие простори.

На средбата присуствуваа Нелко Нелковски, претседател на Македонскиот центар за култура и развој (МЦКР), Соња Парајер од Советот на Европа - Директорат за спорт, Михаил Фанизадех од ВИДИК - Виена и Александар Ранкович од БААП - Виена.

 Гостите изразија желба Парламентот на Република Македонија да биде дел од поддржувачите на конференцијата, со што од највисоко ниво во државата и во регионот ќе се испрати прецизна порака за третманот на насилството, национализмот и расизмот во спортот.

Од страна на домаќините дадена е силна поддршка на конференцијата, за која се искажа мислење дека ќе биде своевиден напредок не само во спортот, туку и во севкупното градење на општества базирани на демократски вредности и себепочитување на Балканот.

 
 


Click