Активности

Понеделник, 31 мај 2010 година

Секој има право на највисоко ниво на физичко и ментално здравје

Клубот на пратенички во Собранието на Република Македонија денеска организираше јавна дебата на тема „Национална стратегија за сексуално и репродуктивно здравје“. Главната цел на Стратегијата е до 2020 година сите граѓани во Република Македонија да имаат подобро сексуално и репродуктивно здравје.

Со средбата претседаваше пратеникот Славица Грковска Лошкова, коордионатор на Клубот на пратенички, а воведни излагања имаа уште г. Герт Кампман, заменик-амбасадор на Кралството Холандија во Република Македонија и регионалниот директор на УНФПА за Македонија, г. Франсоис Фарах. Презентација на Стратегијата направи проф.д-р Елена Ќосевска од Институтот за јавно здравје.

Беше истакнато дека здравјето е фундаментално човеково право и дека секој има право на највисоко ниво на физичко и ментално здравје. Репродуктивното здравје претставува состојба на целосна физичка, ментална и социјална благосостојба, а не само отсуство на болест.

Стратегијата ги истакнува потребите и правата на поединецот поврзани со достигнување на висок степен на сексуално и репродуктивно здравје преку: универзално образование за сите, намалување на смртноста кај доенчињата, децата и мајките, како и обезбедување на универзален пристап на грижа за репродуктивното здравје, вклучувајќи планирање на семејството, породување и превенција од сексуално преносливите инфекции и ХИВ.

Сексуално и репродуктивно здравје ќе се обезбеди преку фокусирање на интервенции во приоритетните области, контрола на болести и состојби кои негативно влијаат на сексуалното и репродуктивното здравје, подобрување на соработката меѓу партнерите и обезбедување на квалитет на услугите по најповолна економска цена за државата.

Министерството за здравство ја подготви Националната стратегија за сексуално и репродуктивно здравје со цел да се обезбеди унапредување на целокупното здравје на граѓаните на Република Македонија, да се намалат разликите и да се зголеми квалитетот на услугите, преку зајакнување на соработката и координацијата на одговорните субјекти, зајакнување на партнерството, развивање на стандарди и нормативи кои ќе обезбедат квалитет на услугите, јакнење на здравствената промоција и поддржување на научно-истражувачката работа.
Click