Активности



Петок, 10 септември 2010 година

Средба на претседателот на Комитетот за односи меѓу заедниците, г. Џеват Адеми, со претставници на германската непрофитна организација Кристијан Шварц-Шилинг

Претседателот на Комитетот за односи меѓу заедниците, г. Џеват Адеми, на 6 септември 2010 година, на барање на претставници на германската непрофитна организација Кристијан Шварц-Шилинг, а кои непосредно работат на ЦССП проектот за Македонија, оствари средба на која се разговараше за работата на Комитетот за односи меѓу заедниците и неговата улога во остварување на правата на заедниците во Република Македонија.

На средбата присуствуваа г. Хуан Армандо Диас, директор на бордот на ЦССП проектот, г-ѓа Кристина Стенер, проект-менаџер за Македонија и г. Кујтим Деари, координатор на ЦССП проектот за Македонија.

На првата средба, на 2 октомври 2009 година, која беше одржана на барање на г. Јохан Џулиус Голдман, менаџер на проектот ЦССП за интегративно посредување, се дискутирало за решавање на меѓунационалните конфликти на локално ниво во Западен Балкан. На таа средба, г. Голдман информираше дека проектот ЦССП за интегративно посредување, почнал со работа 2006 година во општина Струга, каде се фокусирани на меѓунационалните односи, зајакнувајќи го Советот за меѓунационални односи и решавање на проблемите на локално ниво.

Претседателот, г. Џеват Адеми, ги запозна присутните за досегашната работа на Комитетот за односи меѓу заедниците, за постигнувањата и целите во работата и воедно напомена дека Комитетот за односи меѓу заедниците, за прв пат, е целосно комплетиран од аспект на оформување на стручната служба за потребите на комитетот. Исто така, станало збор за надлежностите на комитетот и неговата улога во остварување на правата на националните заедници во Република Македонија. Еден од проблемите, којшто беше споменат во текот на разговорот од страна на претседателот, е  нефункционирањето на Kомисиите за односи меѓу заедниците на локално ниво.

Гостите се интересираа и поставија повеќе прашања за Охридскиот рамковен договор, поточно за директно вклучување на комитетот во одбележувањето на 10-годишнината од потпишувањето, што ќе се одржи идната година.

Претседателот на комитетот ги запозна присутните  со последните случувања во Комитетот за односи меѓу заедниците,  особенo со седницата каде што поради немање на кворум беше оневозможено работење на комитетот и расправата по Проектот „Скопје 2014“.  Исто така, претседателот даде идеи и предлози за начините за надминување на оваа ситуација.

На средбата се констатира дека во комитетот, како директен производ на Охридскиот рамковен договор и Уставот на Република Македонија, не смее да се спречува расправа по прашања што се однесуваат на сите заедници, имајќи ја предвид етничката структура на државата.

На средбата беа искажани позитивни мислења за функционирањето на Комитетот за односи меѓу заедниците, а исто така и за работата на Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, меѓутоа имаше и предлози за унапредување на работата и позадоволнителни резултати во работењето.

Претседателот на Комитетот објасни дека комитетот, како уставна категорија, не е орган за одлучување само во врска со двојното гласање на законите, туку во него треба да се одвиваат и дебати во врска со односите меѓу заедниците. Тој посочи дека во едно мултиетничко општетство, како што е Македонија, комитетот треба постојано да организира дебати на различни теми, преку кои ќе пренесува порака до граѓаните за состојбите во државата.      

На крајот од средбата, гостите изразија задоволство од приемот, искреноста и отвореноста при одговорот на поставените прашања и се заклучи средбите да продолжат и да се остварува почесна соработка на повисоко ниво.

Претседателот на Комитетот за односи меѓу заедниците, г. Џеват Адеми, ја поздрави поддршката на гостите, се заблагодари за поддршката и соработката на гостите и во иднина очекува да се интензивират вакви средби и заеднички активности.

Click