Активности



Среда, 23 јуни 2010 година 

Средба на Националниот совет за евроинтеграции со г. Дејвид Лидингтон

Националниот совет за евроинтеграции денеска имаше средба со г. Дејвид Лидингтон, министер за Европа на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.

На средбата присуствуваа г-ѓа Радмила Шекеринска, претседател на Националниот совет за евроинтеграции, г. Петар Поп-Арсов, претседател на Комисијата за европски прашања, г. Димитар Мирчев, претставник од Кабинетот на претседателот на Република Македонија, г. Ѓорге Иванов, г. Сашо Стефков, претставник од кабинетот на претседателот на Владата на Република Македонија, г. Никола Груевски, г. Томе Колев, претставник од Католичката црква во Република Македонија, г-ѓа Мимоза Шумковска-Вељановска, претставник од Еврејската заедница во Република Македонија и г. Живко Митревски, в.д. претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија.

Исто така, на средбата присуствуваше и британскиот амбасадор во Република Македонија, Н.Е. Ендрју Ки.

На средбата гостинот беше запознат со работата и со составот на Националниот совет за евроинтеграции, при што беше истакнато дека Република Македонија минатата година доби препорака за членство во Европската унија, но не и датум за преговори. Република Македонија прави сè да се започне со преговорите за членство во ЕУ, но билатералниот спор со името се наметна како клучен фактор.

Исто така, беше истакнато дека Република Македонија е пет години земја-кандидатка за ЕУ, но нема никакво померување, индикации дека Република Македонија може да ги добие термините за интегрирање.

Министерот за Европа на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, г. Дејвид Лидингтон, истакна дека новата британска влада цврсто се заложува да ја види Република Македонија како се придвижува кон ЕУ и НАТО.

Click