Активности

Среда, 21 јули 2010 година

Трето продолжение на Единаесеттата седница на Комисијата за култура

Комисијата за култура, денеска, на третото продолжение на Единаесеттата седница од Надзорната расправа на тема: „Имплементација на Законот за донации и спонзорства во јавните дејности“, согласно со членот 23 став 2 од Законот за Собранието на Република Македонија, а врз основа на надзорната расправа едногласно го усвои следниов Заклучок:

Комисијата за култура:

1. Ја поздравува политиката на даночни поттикнувања за физичките лица и правните субјекти кои донираат и спонзорираат во областите од јавен интерес. На тој начин тие се поттикнуваат активно да придонесуваат за подобрување на животот на граѓаните, здруженијата и фондациите, како и другите правни субјекти, нивната благосостојба и социјална правда;

2. Го поттикнува досегашниот либерален приод во опфатот на законот, во смисла на: широка дефиниција на предметите на донација/спонзорство, даночни поттикнувања кај повеќе видови даноци, либерален пристап кон давателите и примателите, како и изедначувањето на домашните со странските донатори;

3. Констатира дека одредбите во постојниот Закон за донации и спонзорства во јавните дејности, како и неговото толкување водат до проблеми во неговото досегашно спроведување. Поради тоа, Законот не ги дава очекуваните резултати во насока на зголемено поттикнување на физичките и правните лица да донираат/спонзорираат;

4. Ја истакнува потребата од донесување на нов Закон за донации и спонзорства кој ќе ги отстрани препреките во смисла на дефинициите, процедурата и надлежностите, но и ќе ги ревидира предвидените даночни бенефиции;

5. Препорачува на надлежното министерство, Министерството за правда, во процесот на изготвување на законот, активно да ги вклучи и останатите релевантни институции, експерти и претставници на засегнатите страни (преку јавна расправа, формирање на мултисекторска работна група или останати механизми кои му стојат на располагање). Во оваа насока особено се поттикнува вклучувањето на пратениците во Собранието на Република Македонија во процесот на подготовка на законот;

6. Препорачува, во однос на дефинирањето на клучните поими и термини, усогласување со Законот за здруженија и фондации (Службен весник на Република Македонија број 52/2010), како и со другите законски прописи кои ги дефинираат јавниот интерес и организациите/установите од јавен интерес;

7. Препорачува прецизирање на надлежностите на институциите во насока на максимално намалување на товарот и трошоците за администрацијата, како и намалување на правната несигурност за корисниците во спроведување на законот;

8. Препорачува поедноставување на процедурата по која се реализираат даночните поттикнувања, согласно позитивната светска пракса. Процедурата треба да се поедностави во насока на намалување на оптоварувањето на давателите, преку: 1) врзување на јавниот интерес (и/или потврдувањето на јавниот интерес) со примателот; 2) изведување на процедурата само преку сметководствена евиденција и 3) намалување на обемот на задолжителна документација;

9. Препорачува да се направи анализа: дали примателите ќе се ограничат само на организации од јавен интерес (ОЈИ) или ќе бидат опфатени сите здруженија и фондации. Во доменот на спортот да се направи анализа за спортските организации регистрирани согласно Законот за спорт или пошироко за сите оние кои промовираат спорт, како и можна дистинкција меѓу врвниот и масовниот спорт;

10. Препорачува да се направи анализа за различните модалитети на оданочување со разграничувањето на непрофитниот од комерцијалниот карактер во културата;

11. Препорачува потреба од анализа на можноста за зголемување на даночното потикнување за донации кај данокот на добивка или од анализа на можноста за промена на механизамот на пресметка на даночното поттикнување. Посебно препорачува дека постои потреба од анализа на можноста да се предвидат поголеми даночни поттикнувања од сегашните, посебно во областите кои традиционално се поддржуваат со донации и спонзорства (спортот, културата, итн.) и за области од посебен општествен интерес (образованието, науката, здравството, итн.);

12. Препорачува потреба од анализа на можноста за зголемување на границата од 24.000 денари кај персоналниот данок на доход (или да остане само сега дефинираниот прв услов до 20% од вкупниот даночен долг по основ на персоналниот данок на приход) за да се стимулираат индивидуите да донираат средства во областите на јавен интерес;

13. Препорачува потреба од промена на законската регулатива во други закони за да се овозможи на сите физички лица кои за своите приходи плаќаат персонален данок на доход (над 500.000 лица) да имаат имаат можност да остварат даночно поттикнување при донации во области од јавен интерес, а не само на оние кои имаат дополнителни приходи и кои поднесуваат даночна пријава (околу 150.000 лица за 2009);

14. Оценува дека мора да се најде начин за да не се пресметува данок на додадена вредност при СМС/телефонско донирање (и за припејд и за постпејд корисници), за да не се оптеретуваат корисниците на мобилна телефонија (и во моментов дефинирано со Законот за донации и спонзорства во јавните дејности, но не се спроведува);

15. Препорачува дека согласно дефинираниот член 9 од Законот за донации и спонзорства во јавните дејности, „објавувањето на името, фирмата и заштитниот знак на давателот на донацијата и на спонзорството во јавните, печатените и електронските медиуми не се смета за реклама”, да се предложи решение со кое медиумите нема да можат да одбиваат да го прикажат логото на давателот (во пракса најчесто случај кога давател е компанија). Дополнително, со истакнувањето на имињата, логоата на донаторите или спонзорите се стимулира општествената одговорност и свесноста за неопходност од донирање во проекти од јавен интерес, сеедно од правните или физичките лица;

16. Препорачува водење на регистар за донации и спонзорства како и можност поднесувањето на документи до одговорните институции поврзани со процедурите за донации и спонзорства од страна на давателите и примателите, во електронска форма;

17. Овој заклучок да се достави до претседателот на Собранието на Република Македонија, до пратениците во Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија, Министерството за правда, Министерството за култура, Министерството за образование и наука и Министерството за финансии;

18. Заклучокот да се објави на веб-страницата на Собранието на Република Македонија.
Click