Активности

Петок, 7 мај 2010 година

Собранието на Република Македонија една од најотворените и најтранспарентни државни институции 

Во рамките на Отворен парламент, кој оваа година се одржува во соработка со НДИ, со Граѓанската асоцијација МОСТ и со Институтот за парламентарна демократија (ИПД) се одржа трибина на тема: „Кон отворен и транспарентен дијалог помеѓу Собрание на Република Македонија и граѓанскиот сектор“ на која присуствуваа пратеници и повеќе претставници од невладиниот сектор.

Воведно излагање на трибината имаше потпретседателката на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска, која меѓу другото се осврна на некои конкретни проекти кои придонесуваат за поотворен дијалог помеѓу Собранието и граѓанскиот сектор. Притоа беше споменато почестото спроведување на јавни расправи при донесување на некој нов закон, кои во минатото биле поретки и можеби поформални, но кои со текот на времето ја добиле својата вистинска функција, односно станале форум на кој слободно се дискутира за законските решенија.

На овие расправи поканети се и присуствуваат голем број на невладиниот сектор, кои се заинтересирани за односниот законски предлог и преку нив се претставуваат интересите на обичните граѓани.

Исто така, г-ѓа Светлана Јакимовска, истакна дека невладините организации судирајќи се во својата секојдневна работа со разни конкретни проблеми при функционирањето на институциите и воопшто целиот систем, придонесуваат за тоа овие проблеми да станат видливи и преку законски решенија тие да се отстранат.

Исто така, беа спомнати неколку проекти спроведени со помош на некои невладини организации: со Граѓанската асоцијација МОСТ е организиран проект „Мобилен телефон“, чија цел беше подобрување на комуникацијата помеѓу пратениците и електоратот и доближување на Собранието до граѓаните. Во соработка со Националниот демократски институт (НДИ) отворени се 47 канцеларии на народните пратеници низ републиката во кои, исто така, граѓаните можат да комуницираат со пратениците.

На трибината се разменија мислења за понатамошната соработка меѓу Собранието на Република Македонија и граѓанскиот сектор.

Click