Активности



Вторник, 21 септември 2010 година

парламентот - централна институција која може да ги обликува и спроведува законите кои ги унапредуваат правата на децата

Собранието на Република Македонија, во соработка со Фондацијата за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ), вчера и денеска организираше меѓудржавна консултативна средба за улогата на парламентите во промоцијата и мониторингот на детските права, како продолжение на претходно потпишаниот договор за двегодишна соработка во областа на зајакнување на улогата на парламентарците во промовирање на детските права во земјата помеѓу Собранието и УНИЦЕФ во ноемри 2009 година.

Со овој договор беа воспоставени две неформални парламентарни тела за детските права: Одборот за детски права и работната група за детските права во рамките на Комисијата за труд и социјална политика. А, оттука, произлезе и идејата за разгледување на можноста за востановување постојана комисија за детски права.

На средбата, воведни обраќања имаа г. Трајко Вељаноски, претседател на Собранието на Република Македонија, г. Кирси Мади, заменик-директор на УНИЦЕФ за Југоисточна Европа, г. Никола Новаковиќ, заменик-претседател на Народното собрание на Србија и член на Српската парламентарна комисија за деца и г. Екхард Полс, член на Парламентот и претседател на Комисијата за детски прашања.

Целта на оваа средба беше да се подигне свесноста за важноста на правата на децата и важноста од зајакнување на управните структури за децата и да им се помогне на парламентарците во разгледувањето на можноста за востановување на ваква комисија преку размена на искуства и знаење, како и преку подобро запознавање со детските права кое може да се примени во секојдневната работа на парламентарците.

Присутните дебатираа на прашањата за улогата на парламентите во промовирање и мониторинг на детските права, споделувајќи  ги притоа различните искуства преку претставниците на Сојузна Република Германија г. Екхард Полс, член на парламентот и претседател на Комисијата за детски прашања, г-ѓа Катја Донер и г-ѓа Никол Брахт Бент, членови на парламентот и на Комисијата за детски прашања и г. Никола Новаковиќ, заменик-претседател на Народното собрание на Србија и член на Српската парламентарна комисија за деца и г-ѓа Милица Војиќ-Марковиќ, член на Српската парламентарна комисија за деца.

Македонскиот пример го презентираа претседателот на Комисијата за труд и социјална политика, г. Илија Китановски и претседателот на Комисијата за еднакви можности на мажите и жените, г-ѓа Лилјана Поповска.

Беше истакната улогата на парламентот како централна институција која може да ги обликува и спроведува законите кои ги унапредуваат правата на децата, да распределуваат средства за секторите кои се од важност за децата, да ги повикува владите и релевантните сегменти на општеството на отчет за децата и нивните права и да ги застапуваат интересите и гласот на децата.

Присутните констатираа дека оваа идеја за основање на посебна комисија за правата на детето е многу важна, воедно беше позитивно поздравен и политичкиот консензус помеѓу сите политички партии во однос на ова прашање.

Click