Активности

Петок, 19 февруари 2010 година
 
Учество на пратеникот Хисен Џемаили на Деветтата зимска сесија на ПС на ОБСЕ во Виена 

Пратеникот г. Хисен Џемаили, член на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ), учествува на Деветтата зимска сесија на ПС на ОБСЕ, што се одржува на 18 и 19  февруари 2010 година во Виена, Австрија. Во рамките на Сесијата, на која учествуваат околу 250 пратеници од земјите-членки на ОБСЕ, се одржаа седници на трите комисии на Парламентарното собрание на ОБСЕ: Комисијата за политички прашања и безбедност, Комисијата за економски прашања, наука, технологија и човекова околина и Комисијата за  демократија, човекови права и хуманитарни прашања, заедничка седница на трите комисии, седница на Постојаниот комитет на Парламентарното собрание на ОБСЕ, како и специјална дебата на тема: "Состојбата во Авганистан".

На заедничката седница на трите комисии на ПС на ОБСЕ на пратениците им се обрати г. Канат Саудабајев, претседавач на ОБСЕ и министер за надворешни работи на Казахстан, кој информираше за програмата на казахстанското претседателство со Организацијата, како и иницијативата за организирање на Самит на ОБСЕ. Тој оцени дека зацврстувањето на соработката со парламентарците на ОБСЕ претставува значајна компонента во разрешувањето на регионалните предизвици, како што се смрзнатите конфликти и контролата на вооружувањето.

На седницата на Комисијата за економски прашања, наука, технологија и човекова околина свое обраќање имаше г. Фатмир Бесими, министер за економија на Република Македонија. Во својство на претседавач со Енергетската заедница, тој информираше за целите на Заедницата, како и за приоритетите и предизвиците на македонското претседателство: развивање на регионалниот пазар на енергија во насока на обезбедување на сигурност во снабдувањето, имплементација на законодавството за енергетска ефикасност и сл.

Во специјалната дебата за состојбата во Авганистан земаа учество педесеттина пратеници, меѓу кои и г. Хисен Џемаили, кој информираше за учеството на Република Македонија во мисијата ИСАФ во Авганистан. Со цел за продолжување на поддршката за воспоставување на правниот поредок во Авганистан, Република Македонија планира да упати дополнителни 79 припадници на АРМ, кои ќе учествуваат во менторирање и обука на авганистанските безбедносни сили, заедно со Националната гарда на Вермонт, САД. Господинот Џемаили оцени дека преку придонесот на Република Македонија кон глобалната безбедност, мир и стабилност, на најдобар можен начин се зајакнува нејзиниот меѓународен кредибилитет и углед во промоцијата на слободата, демократијата и човековите права и вредности.
Click