Активности



Вторник, 25 мај 2010 година

Внатрешните реформи – прв чекор за успешен влез во ЕУ

Делегацијата на Комисијата за надворешна политика на Сенатот на Романија, која денеска оствари средба со претседателот на Комисијата за надворешна политика на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Теута Арифи и членови на Комисијата, ги посочи внатрешните реформи и поддршката од надворешните пријатели како важни елементи за успешен влез во Европската унија.

Гостинската делегација, предводена  од претседателот на Комисијата, г. Титус Корлацеан, ја оцени средбата како добра прилика за соработка меѓу парламентарните комисии на двете земји.

Госпоѓа Арифи истакна дека приоритет на Република Македонија се евроинтеграциите и очекува од Романија, како земја која ја сметаме за дел од нашиот регион, да покаже сенс за поддршка и помош. 

Македонските пратеници изразија благодарност за поддршката која нашата земја ја добива од Романија на патот кон ЕУ и НАТО, посебно за поддршката која ја добивме на Самитот кој се одржа во нивниот главен град.

Од гостите од Романија беше укажано дека го поддржуваат членството на Република Македонија во ЕУ и НАТО, дека очекуваат за време на Шпанското претседателство Македонија да добие датум за преговори и изразија подготвеност да ги споделат нивните искуства.

Господин Корлацеан потенцираше дека исклучувањето од европското семејство е проблем за стабилноста на државата, но и на регионот.

Присутните на средбата изразија надеж дека соработката меѓу двете земји ќе продолжи да се развива на сите нивоа. 

Click