Активности

Среда, 21 јули 2010 година, Женева

Македонија покажува дека технологијата може многу да помогне во зголемување на транспарентноста, отвореноста и отчетноста
 
„Ние сме сериозно посветени да продолжиме со понатамошно унапредување на демократијата во сите делови на светот. Ние мора да ја зголемиме јавната доверба кон парламентите и да ја потврдиме најчесто цитираната фраза дека ‘нема демократија без силен парламент’“, истакна г. Јани Макрадули, потпретседател на Собранието на Република Македонија, кој учестува на Третата светска конференција на спикери на парламенти, која, во организација на ИПУ, се одржува во Женева од 19 до 21 јули. Тој истакна дека мора да се испрати силна порака дека треба да се дејствува во правец на разрешување на многуте предизвици. Приоритетите со кои се соочува светот мора да останат на врвот, а како најважен тој го истакна обезбедувањето на глобална демократска отчетност.  

Потпретседателот, г. Јани Макрадули, се придружи на мислењето на  претседателите на Франција и Естонија дека информатичката технологија многу придонесува за зголемување на отчетноста, како што е цитирано во извештајот на ИПУ за е-парламентите 2009 дека „случајот на Македонија покажува дека технологијата може многу да помогне во зголемување на транспарентноста, отвореноста и отчетноста“. Тој посочи дека развојот на информатичката технологија е од особено значење и за заштита на човековите права, особено кај младата генерација. Парламентите и ИПУ треба да го отворат прашањето за заштита на  децата на интернет и опасноста што лежи зад социјалните мрежи на интернетот.   

Повеќе од 150 претседатели на парламенти учествуваа на Третата светска конференција на спикери на парламенти со централна тема „Парламентите во светот на криза: обезбедување на глобална демократска одговорност за заедничко добро на сите“.

Конференцијата ја отвори г. Бан Ки Мун, генерален секретар на ООН, кој рече дека Интерпарламентарната унија го носи гласот на народите во светот во работата на Обединетите нации. На тој начин се помага да се интегрираат глобалните прашања во работата на националните собранија насекаде во светот. Тој побара продлабочување на стратешкото партнерство во време на криза и парламентарците да покажат лидерство во четири области, како што се: ратификација на договорите за климатски промени, нуклеарно разоружување и економски развој, потоа да бидат силата на стабилност во државите, да ја развиваат демократијата и да креираа просперитет.

Конференцијата заврши со едногласно усвојување на Декларацијата во која се вели дека срцето на демократијата е  отчетноста и одговорност во парламентите.
Click