Активности

Понеделник, 21 март 2011 година
 

21 Mарт - Ден на Медитеранот
 

Денеска ширум Медитеранскиот регион се одбележува 21 Март како Ден на Медитеранот.

Шефот на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Медитеранот, г. Илија Димовски, по овој повод истакна дека кон тригодишната традиција на пригодното одбележување на овој ден од страна на парламентите на земјите-членки на Парламентарното собрание на Медитеранот, се приклучува и Собранието на Република Македонија.

Притоа, со задоволство можеме да се потсетиме дека Собранието на Република Македонија стана полноправен член на овој значаен регионален форум уште при неговото формирање во 2006 година и преку својата постојана делегација активно учествува во неговата работа.

Собранието на Република Македонија, во рамките на Парламентарното собрание на Медитеранот, ги споделува темелните вредности како што се: правото на слободен живот, уживањето на цивилизациските придобивки од страна на секој човек, правото на народите на демократски начин да го изберат моделот на своето внатрешно уредување, притоа избегнувајќи ја војната како средство за разбирање меѓу себе.

За жал, од самиот почеток на оваа година, сведоци сме на крајно немили настани кои се случија и сè уште се случуваат токму во регионот на Медитеранот, особено во Тунис и Египет, а сега и во Либија, кои оставија длабоки траги врз животите на граѓаните на овие земји. Сочувствуваме со овие трагедии, и истовремено како избраници на граѓаните на Република Македонија, силно апелираме да престанат сите воени дејствија и што поскоро да се воспостави демократски поредок, владеење на правото и почитување на основните човекови права, бидејќи искрено веруваме во создавањето и негувањето на темелните општествени вредности.   

 
Click