Активности



Понеделник, 14 март 2011 година

Шеесет и прва седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на Шеесет и првата седница, одржана на 11 март 2011 година, како матично работно тело во прво читање ги разгледа:

  • Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за стечај;
  • Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за туристичка дејност.

Образложение на Предлог-законите даде претставникот на предлагачот, заменик-министерот за економија, д-р Методиј Хаџи-Васков.

- Беше истакнато дека предложените измени и дополнувања на Законот за стечај произлегуваат од големиот број на барања од страна на бизнис заедницата и на сите чинители на економскиот пазар во Република Македонија.

Целта на предложените измени и дополнувања е да се постигне поголема транспарентност и ефикасност во спроведувањето на стечајната постапка и да се отстранат увидените негативности.

Заменик-министерот за економија ги посочи најзначајните измени и дополнувања. Клучна измена е воведувањето на Е-стечај, oдносно се воведува обврската на стечајните управници сите промени и одлуки коишто се донесени од страна на судот, да бидат законски обврзани да ги проследат до интернет-порталот на Централниот регистер.

Со оваа измена се постигнува поголема транспарентност на целокупното владеење на стечајната постапка и се утврдува точната одговорност на лицето коешто треба да ги доставува сите податоци до соодветниот регистер.

Со предложените измени и дополнувања се врши поедноставување, односно олеснување на начинот на отворањето на стечајната постапка. Предвидено е укинување на обврската при отворање на стечајната постапка, односно поднесување на голем број на документи коишто во рамките на отворање на стечајната постапка во рок од 30 дена да бидат добавени од страна на стечајниот управник.

Третиот дел од предложените измени се однесува на зајакнувањето на одговорноста којашто ја имаат стечајните управници во текот на целата постапка, имајќи предвид дека со овие измени и дополнувања се зајакнува одговорноста во делот на можните одолговлекувања на стечајната постапка. Заменик -министерот за економија истакна дека во овој дел законот ќе биде поригорозен и ќе има решенија за спроведување на поефикасни постапки од страна на стечајните управници.

Четвртиот дел од предложените измени и дополнувања произлегува од досегашното функционирање на лиценцирањето на функционирањето на Комората на стечајните управници и нивниот целокупен делокруг на работата. Со предложените измени се утврдува минималниот износ на годишната членарина и намалување на критериумот на годините во струката коишто се потребни за неопходното минимално ниво за полагање на стручните испити.

Петтиот дел од измените се однесува на одредбите во делот на унапредувањето на казнената политика во Република Македонија.

Во расправата по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за стечај учествуваше претседателот на Комисијата за економски прашања, г. Љубисав Иванов-Ѕинго.

- Што се однесува на Законот за туристичка дејност, целта на предложените измени е истиот да се усогласи со Законот за инспекциски надзор и Законот за прекршоци, како и да се земат предвид предлозите на Државниот пазарен инспекторат во делот на разграничување на износите на казните коишто се плаќаат на лице место и мандатните казни од глобите коишто се изрекуваат од страна на прекршочната комисија.

Предложените измени содржат решение за одземање на надлежноста министерот за економија да решава по жалба на решение за привремена забрана за вршење дејност донесено од Државниот пазарен инспектор и оваа надлежност да биде пренесена на Комисијата за жалби, којашто треба да биде формирана при Министерството за економија.

Со оваа измена се врши усогласување на пакет закони и тоа во надлежност на министерството за економија, меѓу кои и Законот за туристичка дејност, со одредбите од Законот за инспекциски надзор, намалување на износот на глобите кои се изрекуваат на самото место, мандатни казни на правното лице, на одговорното лице во правните лица и на трговецот поединец, во просек за 35% во однос на глобите коишто се изрекуваат од страна на прекршочните комисии.

Со предложените измени и дополнувања на Законот битно ќе се подобрат условите за вршење угостителска дејност во Република Македонија и зголемување на квалитетот на услугата во секторот угостителство.

Заменик-министерот за економија истакна дека во предложените измени и дополнувања е предложено да се направи пречистен текст од страна на Законодавно-правната комисија, од причина што во текот на изминатиот период направени се неколку измени и дополнувања на овој Закон, и истиот ќе биде од голема корист и важност за многу субјекти во Република Македонија.

Во расправата по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за туристичка дејност учествуваше заменик-членот на Комисијата за економски прашања, г-ѓа Зумрете Јакупи.

По завршувањето на расправата, Комисијата за економски прашања едногласно заклучи дека Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за стечај (прво читање) и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за туристичка дејност се прифатливи и треба да се дадат на натамошно читање.

Click