Активности



Вторник, 15 март 2011 година

Деведесет и седма седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на Деведесет и седмата седница одржана на 10 март 2011 година, како матично работно тело разгледа пет Предлог-закони, кои ги образложи заменикот на министерот за финансии, г. Недим Рамизи.

- Во воведното образложение по Предлогот на закон за изменување и дополнување на  Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа (во прво читање), заменик-министерот за финансии истакна дека со предложените измени и дополнувања се врши допрецизирање на  работата и надлежностите на Комисијата за следење на развојот на системот за финансирање на општините и на Комисијата за следење и оценка на исполнетоста на условите за преминување во втора фаза од процесот на фискалната децентрализација.

Во делот на финансиската нестабилност, извршени се измени во делот на прогласувањето на финансиската нестабилност на општината и преземањето на мерки и активности за надминувањето на истата. Се врши измена на рокот за враќање на долгорочната позајмица од најмногу пет години, на најмногу десет години.

Во делот на прекршочните санкции, ќе се зголеми одговорноста кај одговорното, односно раководното лице на единиците на локалната самоуправа.

Комисијата едногласно заклучи дека Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Во врска со Предлогот на закон за изменување и дополнување на Царинскиот закон (во прво читање), г. Рамизи истакна дека со предложените измени и дополнувања се врши усогласување на постапката за одложување на извршување на решенијата кои ги донесува царинскиот орган, а особено на оние кои се однесуваат на дополнителната наплата на царински долг, постапката за декларирање на стоките пред да влезат во царинското подрачје (која постапка соодветно се применува при извоз), обезбедувањето правен основ за задолжителна употреба на електронска декларација во различни царински постапки, постапката за привремено чување на стока, ослободувањето од плаќање на увозни давачки за стоки испратени од страна на физички лица и за пратки со мала вредност испорачани од странство за примачи во земјата, транзитната постапка, усогласувањето на формата на инстументите за обезбедување на царинскиот долг, како и начинот на пресметка, евидентирање и наплата на царинскиот долг, со соодветни измени и дополнувања на прекршочните одредби на законот.

Со предложените измени ќе се обезбедат потребните предуслови за ефективна примена на прописите, стандардите и принципите на основа на кои работат царинските служби во Европската унија.

Комисијата едногласно заклучи дека Предлогот на закон за изменување и дополнување на Царинскиот закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Заменик-министерот за финансии во воведното образложение по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка (во прво читање) истакна дека со него се дефинира даночната основа која се состои од:

1) фискалната основа, која ја сочинуваат непризнаените расходи за даночни цели и
2) финансискиот резултат - сметководствената бруто добивка, која по покривање на загубите од работењето во изминатите даночни периоди се оданочува во годината на нејзината распределба за исплати во вид на дивиденди и други распределби од добивката.

Во однос на оданочувањето на распределбите од добивката во вид на дивиденди и други исплати, предложените измени и дополнувања во овој закон се во насока на допрецизирање на одделните категории како што се: исплатена дивиденда, аванс на дивиденда, други исплати од добивката на даночниот обврзник, особено во делот на исплатениот остаток од стечајната и ликвидационата маса на друштвото кон содружниците или акционерите над износот на основната главнина на друштвото, исплатите кон содружниците или акционерите во случаите на нивно истапување од друштвото под услов да се врши намалување на основната главнина. 

Во контекст на претходно наведеното, за други исплати од добивката се сметаат и зголемувањата на основната главнина на друштвото што презема во услови на преобразба и настанување на статусни промени (спојување, присоединување, поделба) предизвикани од повторната проценка на деловниот имот на пренесените друштва, како и распределбите од добивката кон сопствениците, менаџментот и вработените лица, врз основа на одлука на друштвото.       

Со предложените измени на законот, се врши доуредувањето на категориите на трошоци кои подлежат на оданочување, а претставуваат нефункционални расходи, односно лични користи за содружниците или акционерите, менаџментот и вработените лица, како што се: скриените исплати од добивката, како што се различните видови на давања во корист на менаџментот и вработените на друштвото кои не се резултат на деловното работење на правното лице.

Со цел да се придонесе кон заживувањето и натамошниот развој на третиот пензиски столб во Република Македонија, како и да се стимулираат работодавачите да организираат и финансираат пензиска шема, односно да уплаќаат дополнителни придонеси за своите вработени, со законот се предлага трошоците по основ на уплатените доброволни придонеси во доброволен пензиски фонд кои не го надминуваат износот од четири просечни месечни бруто плати на годишно ниво по вработен, да претставуваат признат расход за даночни цели.

Со овој Предлог-закон, се врши и детално опишување на расходите и помалку искажаните приходи кај поврзаните субјекти, особено во делот на каматите по основ на заемите добиени од содружниците или акционерите посредно или непосредно поврзани со правното лице.

Комисијата едногласно заклучи дека Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Во врска со Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за  супервизија на осигурување (во прво читање), г. Рамизи истакна дека прекршоците пропишани со Законот за супервизија на осигурување се несоодветно групирани, без да се води сметка за нивната тежина или за големината на субјектот што го сторил прекршокот.

Со цел унапредување на казнената политика во Република Македонија, во Законот за супервизија на осигурување, се предлага прекршоците да бидат групирани според нивната тежина и според големината на субјектот што го сторил прекршокот.

Со постојното решение во законот, друштвата за осигурување можат 60% од капиталот да вложуваат во недвижности, како и во капитални вложувања во други друштва за осигурување, финансиски институции и други правни лица, при што одделното вложување на друштвото за осигурување во една недвижност не може да биде поголемо од 10% од капиталот на друштвото.

Со цел да им се озвозможи на друштвата за осигурување слободно да ги вложуваат средствата од капиталот, било за купување недвижности за сопствени потреби, било за вложување во недвижности, со Предлог-законот се отстранува постојното ограничување од 10% за вложување на друштвата за осигурување  во една недвижност.

Со формирањето на Агенцијата за супервизија на осигурување се дефинираа и нејзините основни цели во однос на регулирање и унапредување на осигурителниот пазар во Република Македонија.

Со цел унапредување на осигурителниот пазар, Предлог-законот содржи одредби со кои посебен акцент се става на одредени критериуми кои лицата-застапници во осигурувањето и осигурителни брокери треба да ги исполнат, се зголемува заштитата на потрошувачот-корисникот на осигурувањето, како и други одредби со кое се унапредува осигурителниот пазар.

Во Предлог законот се врши и терминолошко усогласување на законот во делот на водење трговски книги, изготвување финансиски извештаи и внатрешната ревизија со одредбите од Законот за трговски друштва и терминолошко прилагодување на категоријата дозволени вложувања со цел усогласување со позитивната законска регулатива, праксата во земјата и моменталната состојба на финансискиот пазар.

Комисијата едногласно заклучи дека Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за супервизија на осигурување е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Заменикот на министерот за финансии го образложи уште и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за  задолжително осигурување во сообраќајот (во прво читање), во однос на кој истакна дека прекршоците пропишани со него се несоодветно групирани, без да се води сметка за нивната тежина или за големината на субјектот што го сторил прекршокот.

Со цел унапредување на казнената политика во Република Македонија, се предлага во Законот за задолжително осигурување во сообраќајот прекршоците да бидат групирани според нивната тежина и според големината на субјектот што го сторил прекршокот,  а се предлага и намалување на висината на глобите кои им се изрекуваат на друштва за осигурување, Националното биро за осигурување и физичките лица сторители на прекршоците кои произлегуваат од овој Закон.

Комисијата едногласно заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

Click